Фондот им укажува на граѓаните да не наседнуваат на ваквите лажни пораки за да не бидат злупотребени нивните лични податоци и трансакциски сметки
Лажни се пораките кои се испраќаат на е-мејл адреси на граѓани, а во кои се тврди дека Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗО )треба да им изврши рефундација на средства, предупредуваат во ФЗО преку соопштение до јавноста.
„Имаме сознанија дека се појавија лажни пораки кои им се праќаат на граѓани по електронски пат, на е-меил, а како да е од ФЗО. Во лажните пораки, кои не се испратени од е-меилот на ФЗО, им се укажува на граѓаните дека наводно системот со управување на трансакции на Фондот препознава дека треба да добијат исплата за рефундација на средства по што треба да кликнат на одреден линк. Фондот им укажува на граѓаните да не наседнуваат на ваквите лажни пораки за да не бидат злупотребени нивните лични податоци и трансакциски сметки, а доколку се во можност да пријават во Службата за компјутерски криминал во МВР“, се наведува во соопштението од Фондот.
Оттаму информираат дека веќе го пријавиле случајот во МВР.