(ГАЛЕРИЈА) Д-р Венко Филипче: Го подигнавме квалитетот на здравствените услуги и грижата за здравствените работници, неопходна е измена на Законот за здравствена заштита

Во организација на Општинската организација на СДСМ Прилеп, вечерва во кино салата на ЦК „Марко Цепенков“ се одржа трибина по повод 7 Април, Светскиот ден на здравјето.

Гостин на трибината беше поранешниот министер за здравство, д-р Венко Филипче, кој говореше за состојбите во македонското здравство во периодот кога тој се наоѓаше на чело на Министерството, за постигнувањата на актуелната Влада во однос на подигањето на квалитетот на здравствените услуги за пациентите, за грижата за здравствените работници но и за она што може и треба да биде направено за подобрување на севкупните состојби во здравствениот систем.

Д-р Филипче нагласи дека во 2018 година, кога тој го презеде Министерството за здравство, затекна буџет од 32 милијарди денари, кој денес е зголемен за речиси 50 отсто и изнесува 46 милијарди денари.

Поранешниот министер ги спомена инвестициите во постојната здравствена инфраструктура, во реконструкцијата на голем број болници, болнички одделенија, здравствени домови, набавените болнички возила, покачувањето на платите на лекарите и медицинскиот персонал, доделените 930 специјализации и 130 супспецијализации.

Резултат на инвестирањето во стручен кадар и опрема, како што рече д-р Филипче, е извршената трансплантација на срце, која пред две години за прв пат беше извршена во нашата земја.

Она на што треба да се работи, според него, е промена на системот на функционирање и неопходноста од измена на Законот за здравствена заштита.

Покрај д-р Венко Филипче, на трибината учество зедоа и Ангела Димеска, општ лекар, вработена во Јавната здравствена установа Општа болница со проширена дејност „Борка Талески“ Прилеп и Круме Чесноски, матичен стоматолог, член на Секретаријатот за здравство и на Здружението на приватни стоматолошки установи.

Под покровителство на Светската здравствена организација, од 1950-та година, 7 Април се одбележува како Светски ден на здравјето.

Прочитајте повеќе

мицкоски

СДСМ: Мицкоски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија

Соопштение за јавност на СДСМ Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола …