(ГАЛЕРИЈА) Во предвечерјето на Бадник, во Крушево по 10-ти пат одбележан празникот „Дева“

(ГАЛЕРИЈА) Во предвечерјето на Бадник, во Крушево по 10-ти пат одбележан празникот „Дева“

По јубилеен 10-ти пат, крушевчани вечерва ја одбележаа „Дева“, празник кој се слави на ден пред Бадник и кој своите корени ги влече од Русија и Украина, односно од Романија.

„Дева“ е, всушност, предвесник на раѓањето Христово, чиј главен симбол е Витлеемската ѕвезда. Оттаму „Дева“ е славење на ѕвездата која ја следеле мудреците.

Легендата вели дека кога Исус се родил во Витлеем, на небото се појавила ѕвезда. Мудреците од истокот ја следеле таа ѕвезда и кога дошле да му се поклонат на Синот Божји, му принесле злато, ливан и смирна. Тие ги следеле пророштвата и знаеле дека ќе се роди Синот Божји, кој ќе дојде на земјата на начин што ќе ја земе човечката природа на себе и ќе ја обожи, со што ќе даде пример дека сите ние треба да ги следиме и исполнуваме божјите заповеди. На таков начин му било кажано на човекот дека може да се спаси и да живее вечен живот.

Со цел доловување на автентичниот амбиент на библискиот настан, одбележувањето на „Дева“ е проследено со соодветна сценографија. За таа цел, на крушевскиот плоштад се гради колиба како асоцијација на пештерата во која се родил Исус, јагне како симбол на новиот живот, додека хор од ученици пее црковни песни. Согласно адетот, деца со Витлеемската ѕвезда во раце одат по домовите на крушевчани, пеејќи „Дева денес го раѓа превечниот Бог“, со што го предвестуваат раѓањето на Исус.

Во еден свој дел манифестацијата има и социјална компонента, бидејќи адетот подразбира и собирање пари. Учениците изработиле каса со катанец и клуч со насликани библиски мотиви, во која граѓаните донираат симболични парични средства. Собраните средства му се подаруваат на првото бебе кое ќе се роди во Крушево, во периодот помеѓу 7.јануари од тековната и 6.јануари од наредната година.

Покрај црвените ѕвезди и традиционалните песни кои се обележја на „Дева“, по повод празникот во градскиот парк во Крушево се одржува и Божикен базар.

„Дева“ е еден од заштитните знаци на Крушево, манифестација која претставува уникатно обележје на традицијата и културата на општината, празник кој зборува за гостопримливоста и позитивниот дух на крушевчани.

Одбележувањето на празникот започна како проект од областа на одржливиот развој на туризмот, насловен како „Дева – во чест на новото раѓање“, кој пред 10 години го реализираа учениците и наставниците од СОУ „Наум Наумовски-Борче“ од Крушево.

Во своето обраќање на вечерашниот настан, директорката на СОУ „Наум Наумовски – Борче“, Снежана Миленковска истакна дека проектот е изработен во рамките на одржливиот развој на туризмот и дека во неговата основа се состојат три компоненти.

„Првата е економската, да обезбеди приход за месното население. Затоа се тука индивидуалните производители од Крушево како и угостителските објекти од градот, наши редовни поддржувачи, кои имаат за цел да се претстават и да го испочитуваат празникот. Втората е еколошката компонента, која во нашиов случај е запазена со минимална заштеда на електрична енергија, на начин што секој од нас утрешната Бадникова вечера ќе ја помине во атмосфера само со светлото на бадниковите свеќи. И третата компонента, социјалната, која има за цел да го потпомогне месното население. Затоа е тука касичката, во која се собираат средства за првото бебе кое ќе се роди на територијата на градот Крушево помеѓу две Деви“, нагласи Миленковска.

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …