Западен Балкан нема да биде високо на листата приоритети на администрацијата на новоизбраниот претседател на Соединетите Држави, Доналд Трамп, оценува за Радио Слободна Европа професорот од Универзитетот во Бостон, Веско Гарчевиќ.
„Промената на претседателот во таа смисла нема значително да влијае на пристапот кон Балканот. Тоа може да се заклучи врз основа на искуството од неговиот претходен мандат“, вели професорот по меѓународни односи.
Трамп положи заклетва за својот втор мандат на 20 јануари. За време на првото обраќање по инаугурацијата, тој најави низа извршни наредби, кои потоа ги потпиша. Меѓу другото, тој првично ги повлече САД од Парискиот климатски договор, потпиша извршни наредби со кои илегалната имиграција на границата меѓу САД и Мексико е прогласена за вонредна состојба.
Според професорот Гарчевиќ, Западен Балкан може да се разгледува во поширок контекст, особено во рамките на односите со Русија и Украина.
„Регионот може да се позиционира во однос на западните партнери во Европската Унија или како дел од стратешките односи со Москва“, рече тој.
Гарчевиќ смета дека Америка под водство на Трамп би можела да ги оствари своите интереси на Балканот независно од ЕУ.
„И тоа би била најголемата разлика во споредба со сегашната администрација и претходните, кои најмногу делуваа во согласност со Европската Унија. Ова особено важи за прашања како што се односите меѓу Србија и Косово и ситуацијата во Босна и Херцеговина“, рече Гарчевиќ.
За време на неговиот прв мандат, Трамп беше сведок на потпишувањето на договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија во септември 2020 година.
Според Гарчевиќ, можно е администрацијата на Трамп да развие независни билатерални пристапи, вклучувајќи го и решавањето на косовското прашање, односите меѓу Србија и Косово, но и во рамките на Босна и Херцеговина. Гарчевиќ посочува дека е нереално да се очекува дека администрацијата на Трамп ќе се откаже од клучните позиции на американската надворешна политика на Балканот.
„Би било големо изненадување доколку Америка го повлече признавањето на Косово или се откаже од Дејтонскиот договор. Сепак, некои политичари во регионот имаат големи очекувања, особено претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Милорад Додик, претседателот на Република Српска, како и делумно Албанија“, рече тој.
Според него, Додик има конкретни интереси поврзани со новата администрација.
„Неговиот клучен интерес е укинување или ублажување на санкциите наметнати на него, неговото семејство и соработниците. Значи, тоа е прашање на многу личен интерес“, нагласи тој.
Додик со години е на списокот со санкции на САД, а САД првпат го санкционираа во јули 2017 година, односно шест месеци по инаугурацијата на Трамп и преземањето на првиот претседателски мандат.
Извор: РСЕ