Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека измените за внесување на Бугарите во Уставот во македонскиот парламент ќе поминат многу лесно, но за да почне процедурата, се чекало политички договор.
На прашањето дали јавноста да очекува уставни измени до Нова година, Гаши рече дека сè е подготвено.
„Јавноста ги знае ставовите на политичкото мнозинство во државата. Што се однесува до Собранието, веднаш штом ќе има политички договор, ние сме спремни да ја почнеме процедурата. Мислам дека имаме две третини, тој процес во Собранието мислиме дека многу лесно ќе помине и ќе го реализираме, но зависи од политичкиот момент“, рече претседателот на Собранието, Гаши по денешниот брифинг со новинарите.
Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, вчера (27 ноември) порача дека е неопходно да има уставни измени за земјата забрзано да ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија.
Владата во Скопје предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пред да направи уставни измени сака да добие гаранции дека ќе нема други условувања и вета од Бугарија во пристапниот процес кон ЕУ. Таа предлага уставните измени да се направат, но да бидат со одложено дејство, односно да стапат во сила во моментот кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ.
Првата меѓувладина конференција со ЕУ, Северна Македонија ја одржа на 19 јули 2022 година. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата, македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
Извор: РСЕ