Јавното претпријатие „Куманово-гас“ ја проширува секундарната гасоводна мрежа во Куманово на неколку улици, информираа од претпријатието.
„Во овој период се проектира проширувањето на мрежата во други делови од градот, Соколана, Зелен Рид, кај поранешен Монопол, каде што планираме да бидат опфатени објектите на Противпожарната единица, основното училиште „Толи Зордумис“, средното „Наце Буѓони“ населбата „Карош“, изјави директорот на претпријатието, Никола Денковски.
Стручните служби од претпријатието во моментов ја подготвуваат и програмата за наредната година каде што приоритет ќе биде ставен на проширувањето на дистрибутивната мрежа во која ќе биде опфатено приклучувањето на поголемите правни субјекти кои се и големи потрошувачи.
Претпријатието досега изгради околу петнаесет километри дистрибутивна гасоводна мрежа во централно градско подрачје на дваесетина улици и булевари.Според податоците на претпријатието, досега кон мрежата се приклучиле околу 200 индивидуални приклучоци од кои поголем процент во станбените единици.
Цената на приклучокот изнесува 800 евра во денарска противвредност, плаќањето може да се изврши на дванаесет месечни рати, а оваа година преку програмата на општината за намалување на загадувањето на воздухот се субвенционира приклучокот кон гасоводната мрежа со 10.000 денари.
Извор: МЕТА