„Илегалните анксии“ на Русија беа осудени со големо мнозинство гласови. 143 од 193 земји членки гласаа за резолуција со која се осудуваат анексиите. Пет земји беа против, а 35 – воздржани, меѓу нив и Кина, Индија, Јужноафриканската Република и Пакистан. Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации не е меѓународноправно обврзувачка, но ја покажува јасната меѓународна изолација на Москва.
Со резолуцијата руските анексии се прогласуваат за неважечки и од Кремљ се бара поништување на припојувањето на украинските региони Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон.
За осуда на анексиите сега гласаа повеќе земји отколку што тоа беше случај со осудата на руската инвазија во Украина во март годинава, кога „за“ осуда имаше 141 глас, како и за сличната резолуција по анексијата на Крим во 2014 година, кога „за“ беа 100 земји.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер им се заблагодари на 143-те земји кои гласаа за резолуцијата. Силниот резултат ги надмина дури и прогнозите на најголемите западни оптимисти. Пред гласањето, набљудувачите претпоставуваа дека во многу земји, особено во Африка и Латинска Америка, одреден степен на замор од војна и зависност од Русија може да доведе до помала поддршка за резолуцијата. Некои држави сметаат дека војната во Украина ги маргинализира другите разорни конфликти и го спречува напредокот.
Германија: „Анексиите се ништовни и неважечки“
Пред гласањето, Германија повика на осуда на руските анексии на украинските региони Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје. „Лажните референдуми и руските нелегални анексии се ништовни“, изјави германскиот дипломат Михаел Гајслер.
САД исто така повикаа на јасна осуда на анексиите. „Денес Русија ја напаѓа Украина. Но, утре би можела да биде повредена територијата на друга нација. Тоа може да бидете вие. Вие може да бидете следни“, рече американската амбасадорка во ОН, Линда Томас Гринфилд. Границите на секоја земја – без разлика колку е голема или мала – се заштитени со меѓународното право, потенцираше таа.
На крајот на септември Русија стави вето на резолуцијата во Советот за безбедност на ОН со која се осудуваат анексиите. Во Генералното собрание на ОН, Русија нема право на вето.
Извор: DW