Лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер Бојко Борисов денеска објави дека неговата партија ќе го поддржи кревањето на бугарското вето за почеток на преговорите на Северна Македонија за влез во ЕУ, откако претходно неговата партија заедно со другите опозициски партии не се појавија на продолжението на парламентарната седница, па немаше кворум, известува mediapool.bg.
„Со овој став Борисов истовремено сака да ја урне владата, барајќи гласање за нејзина доверба, но и да ја поддржи, признавајќи го постигнатиот успех со предлогот на француското претседателство за ветото“, коментира бугарскиот новински сајт.
„Ако сепак тој лажго и плашливец [бугарскиот премиер Кирил Петков] се осмели, ќе има 59 пратеници што ќе поддржат давање зелено светло на Република Северна Македонија и Албанија“, порача Борисов во својот говор.
Преседателот на ГЕРБ зборуваше жестоко против премиерот Кирил Петков, повика веднаш да се свика седница на бугарскиот парламент за Северна Македонија, за утре, кога почнува европскиот самит, да биде одобрен почетокот на преговорите за членство на земјава во ЕУ.
Борисов својот став го оправда и со одлуката на Светиот синод на БПЦ, којшто вчера го прифати надминувањето на шизмата со „црквата во Северна Македонија“.
„Патријархот и владиците вчера го направија она што ние го правиме денеска“, рече Борисов, нагласувајќи дека тоа е најважното решение за Балканот „за да не останеме во темниот дел на Евроазција и да дозволиме путинизација“.
„На крајот на 2019 година владата на Борисов постави вето на одржувањето на меѓувладината конференција на којашто требаше да се даде зелено светло за европската интеграција на Северна Македонија и Албанија. Тогаш темата беше употребена со предизборна цел од ВМРО, коишто беа коалициски партнери на ГЕРБ а Борисов се согласи и постави вето“, пишува mediapool.bg.
Инаку, на денешната седница на парламентот на Бугарија треба да се одреди процедурата за избор на новиот претседател на парламентот, откако минатата седмица беше отстранет Никола Минчев од „Продолжуваме со промената“, владејачката партија на чие чело заедно со вицепремиерот Асен Василев е премиерот Кирил Петков.
Извор: МЕТА