„Ѓерданот од камења“ околу вратот на Заев

„Ѓерданот од камења“ околу вратот на Заев

Отворено писмо до Зоран Заев

Драг пријателе,

Одлика на големите политичари е да бидат великодушни во победата и достоинствени во поразот. И во двата случаја, ти потврди дека припаѓаш во таа категорија, толку ретка за политичари од балканското поднебје.

Победите и поразите се составен дел на животот, не само на политиката. И колку повеќе се остане приземен после победата, колку побрзо се прифати одговорноста после поразот, толку се поголеми шансите тогаш кога ќе дојде денот да се замине од политиката, на подолг рок или засекогаш, тоа да се направи со високо крената глава.

Во ова писмо нема да ги анализирам сите причини кои доведоа до лошиот изборен резултат, туку ќе се задржам само на еден сегмент – лошите кадровски решенија кои го иницираа падот на СДСМ.

Друже Заев,

Безрезервната доверба во луѓето никогаш не се исплаќа. Барем не кај нас, на ова парче македонска земја. Ти тоа најдобро го почувствува на сопствената кожа. Оти, без разлика на етничката припадност, како нација секогаш ќе останеме “македончиња“. Себични и самобендисани човечиња, на кои личниот интерес им е пред се’ и над се’.

Не е вообичаено, да не речам не е нормално, премиерот во секое време да биде достапен за секој кој наумил да му се јави, да му пиши, да побара и добие средба. Само тој кој не изразил желба не бил удостоен со прием во твојот кабинет. Кој еднаш, кој неколкупати. Без исав го трошеа твоето време, ти ја земаа енергијата, ја злоупотребуваа твојата човечност. Нашиот народ, сите ние, не сме подготвени за толкав степен на демократија и транспарентност во работата.

Во секое мое јавно обраќања до тебе, ја потенцирав проблематичната кадровска политика и уште попроблематичниот однос на именуваните функционери од вториот, третиот и сите останати владини ешалони, но и функционери назначени од општинските власти. Со ретки исклучоци – истрошени имиња, раководители со несоодветно образование, неодговорни и арогантни директори без никакво чувство за професионализам, уште помалку за партиска припадност.

Наместо тие да бидат движечката сила на властаа и твојот најсилен адут, некадарните бирократи прераснаа во самобендисани и, за обичниот човек, тешко достапни апаратчици кои работното време го поминуваа во кафеани и кафетерии, рекламирајќи ја најновата брендирана гардероба преку редовните селфи-сесии на социјалните мрежи.

Други, пак, неспособни да се справат со од небо паднатите и со ништо заслужени раководни места, за први советници си ангажираа „независни“ кадри на ДПМНЕ, кои со тек на време прераснаа во сива еминенција на многу државни институции.

А не дека СДСМ таму немал свои кадри! Имал, ама некој проценил дека тие треба да се држат настрана, да бидат коњи за трка наспроти коњите за парада. Тоа што со своето однесување и пустење на институциите, на дневна основа го арчеа твојот но и рејтингот и авторитетот на Владата, локалната власт, на партијата… за тоа баш ги заболе!

Арно ама, драг пријателе, народот сето тоа го гледаше. И алармираше. Сигналите стигнуваа и до тебе. Твојата грешка беше што никогаш не ја стави во погон најавуваната метла и што се обидуваше туѓиот срам, неработење и арамилак, да го покриваш со твој личен ангажман. Да одработуваш и за нив. Да носиш на грб армија од неработници и далаверџии. Да бидеш нивната изгубена совест, убавото лице на грдата реалност.

Целиот тој „ѓердан од камења“ околу твојот врат, стана претежок товар кој никој, дури ни ти, не можеше да го износиш.

Добар дел од функционерите кои денес или утре ќе ти пишуваат фалоспеви и ќе ти укажуваат дека оставката е избрзана, непромислена, дека е плод на емотивна реакција… всушност, само го манифестираат својот очајнички страв од можноста да бидат зафатени од вртлогот и од ветрот на промените.

Најголемиот дел од нив, како што и самиот знаеш, е длабоко загрижен и смртно исплашен од помислата дека во некое догледно време, или малку побргу, нема да бидат таму каде што се. Дека наближува времето кога ќе требат да го „одлепат“ својот задник од удобните фотелји, да останат без привилегиите и материјалните придобивки кои, ни криви ни должни, со години ги уживале. А некои, богами, и со децении.

За другите причини кои имаа значаен удел во исходот на локалните избори… влијанието на надворешната политика, „дворските игри“, двојните играчи, предавството, парите на унгарскиот бегалец и домашните тајкуни… во некоја друга прилика.

„Имате непријатели? Одлично. Тоа значи дека некогаш сте се бореле за нешто во вашиот живот“, рекол големиот британски државник Винстон Черчил.

Оттаму, почитуван пријателе, немам никаква дилема дека резултатите од твоето раководење на државата и партијата, храбрите потези кои ги влечеше по цена на урнисување на личниот и партискиот рејтинг, ќе добијат на значење во годините кои следат.

Среќен сум што те имам за пријател. Ти посакувам добро здравје и среќа на приватен и професионален план.

Со искрена почит,

Зоран Милошески

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …