Во 6:30 часот наутро во каменолом за чакал во регионот Харц, во округот Гетинген, за Уве Керстен и Аксел Бетхер започнува работната смена. Керстен има 61 година и треба да работи уште три години за да може да замине во пензија. Во округот Гетинген во градежната индустрија работат речиси 3.100 луѓе, а Уве Керстен е еден од само 180 вработени кои се постари од 60 години. „Тоа воопшто не ме изненадува“, вели Керстен. Тој познава многу колеги кои уште во средината на педесеттите години од животот си побарале помирна работа, доколку успеале да најдат таква, или заминале во предвремена пензија. „Едноставно мора да се каже дека колегите повеќе не можеа да издржат. Нивните зглобови беа едноставно истрошени.“
Погодени се многу индустрии
Ова не се однесува само на работниците во градежништвото. Тоа го потврдува и студија на Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ). „Многу луѓе кои долго работат во вакви професии воопшто не го достигнуваат пензискиот праг во својата професија. Тоа значи дека или порано одат во инвалидска пензија поради здравствени причини или ја менуваат професијата“, објаснува Јоханес Гајер. Тој во ДИВ, меѓу другото, истражува теми поврзани со пензискиот систем. Според него, меѓу тешките професии не спаѓаат само оние во градежништвото. „Станува збор и за психосоцијален товар“, објаснува Гајер. Тука, на пример, спаѓаат професиите во социјалните дејности и во негата на стари и болни лица.
Секоја дополнителна година е потешка
„Оние кои навистина се погодени од зголемувањето на старосната граница за пензија се луѓето кои од најразлични причини успеале да останат доволно здрави за да остарат во својата професија“, вели Јоханес Гајер. Токму таа група на најздрави работници би морала да работи две до три години подолго, во зависност од реформата која ќе ја усвои владата на канцеларот Фридрих Мерц.Тоа претставува посебен товар, бидејќи секоја дополнителна година треба да се разгледува одделно. „Вработените веќе го носат товарот од претходните години работа, а во меѓувреме и дополнително остареле“, вели Гајер. Затоа секоја следна година станува уште понапорна.
Уве Керстен според правилата би требало да работи до својата 67-ма година. Но како долгогодишен осигуреник, тој ќе може да се пензионира веќе кон крајот на 2029 година. „За мене работата е дел од животот. Таа ми дава исполнетост и смисла.“ Сепак, не би сакал да работи подолго. „И мојот животен план е поставен така. Сакам да поминувам време со сопругата, во мојата куќа и во градината“, објаснува Керстен..
Да се прилагоди пензијата според тежината на работата?
Синдикатот ИГ БАУ (Градежништво, земјоделство и животна средина) бара да се задржи можноста за пензионирање на 63 години, барем во сегашнта форма. „Ако се погледне колку е тешка работата, тогаш е целосно нереално да се очекува колегите да работат до 70 години“, вели Ралф Ѓурен, синдикален секретар од јужна Долна Саксонија. Според него, старосната граница за пензионирање треба да биде поврзана со тежината на работата. Класификацијата би можела да се базира на категориите што се користат кај инвалидските пензии.
Модерните машини како решение
Во каменоломот за чакал во регионот Харц техниката е „докажана“, како што ја опишува Керстен, односно стара и добро позната. Секоја поправка и секоја подготовка за пуштање во работа бара тежок физички труд. „Мислам дека физичкото оптоварување секогаш ќе остане“, вели Керстен. Бидејќи товарот не е поврзан само со големите машини. Дури и во деновите кога „само“ управува со товарач претставува напор за телото. „Бучава, вибрации и прашина цел ден – тоа не смее да се потценува.“ Дополнително тука се и временските услови: без разлика дали е лето со 40 степени или зима со минус 15 степени, работата мора да се изврши. Сè до пензија.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место