Гир: Надеж за отворање на преговорите со Северна Македонија до крајот на годината

Гир: Надеж за отворање на преговорите со Северна Македонија до крајот на годината

Евроамбасадорот во Северна Македонија Дејвид Гир денеска изјави дека е јасно дека има одлука за почнување на преговорите на земјава со ЕУ и дека се надеваат оти тоа ќе се случи до крајот на оваа година.

„Сега се концентрираме да го реализираме ова до крајот на годината“, рече Гир на заедничка прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на која беше презентиран Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија.

Процесот на започнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ е блокиран од 2019 година, кога прво Франција побара да биде променета методологијата на Блокот за преговорите со земјите кандидатки, а потоа првата меѓувладина конференција ја блокираше Бугарија.

Гир рече дека реформите наведени во Извештајот земјава треба да ги спроведе, а дека ЕУ треба да ги засили напорите за „преговорите да може да почнат вистински.“

„Тоа значи дека постојните контакти и односи билатерално меѓу Бугарија и Северна Македонија, тоа важи и за нив. И патот кон ЕУ е секако со реформи и секој преземен чекор од реформите и подготвеноста што ја посочи вицепремиерот кога тоа се подобрува, доаѓате поблизу до ЕУ. Но, јасно, и комесарот го кажа тоа вчера, треба да се отворат преговори“, рече Гир.

Северна Македонија со години се соочува со блокада за почнувањето на преговорите. Пред бугарија, процесот го блокираше Грција која бараше промена на уставното име Република Македонија.

Поради тоа беше потпишан Преспанскиот договор на 17 јуни 2018 во Преспа, со што се реши спорот за името кој започна по осамостојувањето на Македонија и нејзиниот прием во ОН, во 1993 година.

На 11 јануари 2019 беа изгласани уставните измени со кои се промени името на државата во Република Северна Македонија за целосна употреба.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против …