Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска денеска во ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје, присуствуваше на комплетирањето на проектот GGP – програма за мали грантови за основни потреби и човекова безбедност којашто е еден од столбовите на jапонската стратегија за соработка во Северна Македонија.
За време на настанот, директорката д-р Силвана Филипова и вработените во ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје, на сопругата на претседателот и на јапонскиот амбасадор во земјава, Хиронори Савада, им ги презентираа донираните 4 медицински апарати: систем за биофидбек, дигитална интерактивна паметна табла, ВокаСтим Мастер апарат со коишто во изминатите месеци се извршени околу 1000 интервенции за пациенти од целата држава.
Сопругата на претседателот истакна дека е многу значајно што донираната опрема од Јапонија веќе дава особен придонес во работата на ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје, особено што современите апарати се од голема помош при рано откривање на нарушувањата, а со тоа се помага во поефикасни интервенции за децата и возрасните на кои им е потребна поддршката.
Заблагодарувајќи се за јапонската помош, г-а Ѓоргиевска изрази задоволство што соработката помеѓу Кабинетот на претседателот, ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје и Јапонската амбасада вроди со донираната медицинска опрема која ќе придонесе во дијагностиката и терапијата во оваа установа. Таа истакна дека континуираната поддршка преку проекти во здравствениот сектор за нашата земја е потврда за солидарноста и пријателството меѓу двете земји.