Глад

Глад

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Пред некое време читав еден текст на Горан Стефановски, кој во мене побуди многу размисли. Но она што сакам да го споделам со овој текст, е употребата на фразата “општествено мерлива корист”. Што е кај нас општествено мерливо корисно? Да имаш убава кола, голема куќа, факултет, да имаш работна позиција со која луѓето ќе ги направиш зависни од тебе? Да си дотеран, да си “итар” да знаеш како да го изиграш правилното во сопствена корист, да си вработен, да си патриот, да ти вреди зборот во партија, да излажеш паметно…?

Скоро насекаде се генерира незадоволство, фрустрации, безволност, а како решение за таквата состојба се смета дека е поседувањето повеќе пари.

За потсетување, во 2016 година на социјалните медиуми се прошири текст кој е дел од учебник по предметот социологија за втора година гимназиско образование, во кој е наведено:

„Припадниците на повисоките слоеви ги тераат своите деца да завршат елитни училишта, иако немаат економски причини за тоа. Тие можат да ги вработат своите деца без да завршат некое посебно образование. Но, дипломите им се во функција за задоволување на престижна улога во општеството. Дипломите од факултет им се потребни за да можат своите деца да ги изолираат од контактите со деца од пониските слоеви, кои можат да ги расипат.

Како ли професорите ги дефинирале “високите“ слоеви во овој случај? Мислам дека доволно јасно забележувате во кој контекст е ставено самото образование и функцијата на дипломите. А посебно згрозува делот во кој децата од “повисоките” не смеат да се мешаат со децата од “пониските” слоеви на општеството… за да не се “расипат“.

Колку ли генерации се имаат образувано на ваков начин?

Секако дека Република Македонија е неразвиена и сиромашна земја, но сиромаштијата не значи само недостиг на пари. Тоа е само една од формите, која во литературата е позната како “апсолутна сиромаштија“. Постои и концепт на “човекова сиромаштија“, кој сиромаштијата ја поврзува со непостоење шанси кај луѓето да го прошират сопствениот избор, квалитетот на образованието, здравствената заштита и животниот стандард.

За жал, не можевме да сме навремено свесни, но се појасно станува дека сме “богати”со образовани и високообразовани нови генерации, но сиромашни со знаења и вештини.

Гладот е вид на чувство кое најчесто се поврзува со потреба за храна. Но гладот за квалитетен живот е директно поврзан со образование кое не произведува функција на диплома, туку функционална хумана личност!

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …