Гласот на граѓаните

Гласот на граѓаните

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Очекувањето за отпочнување на преговорите со ЕУ, не се оствари. Лидерите на земјите членки на Европската Унија не постигнаа договор за доделување на датум за започнување на преговори со Република Северна Македонија.

Соочувањето со оваа одлука, за која многумина беа скептици дека ќе биде позитивна, поттикна различни рекации. Мицкоски очекува што побрзо да се донесе одлука за предвремени избори, премиерот Заев смета дека е потребно да се организираат брзи предвремени избори, Али Ахмети смета дека изборите се најдобро решение по недобивањето на датум за преговори. За тоа каква политичка понуда ќе се даде од страна на најголемите политички партии на следните „брзи избори”, секако е лесно да претпоставиме.

СДСМ ќе убедува дека подобра опција од патот кон ЕУ немаме, Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ уште веднаш објави дека обновата на Република Македонија започнува со заминувањето на Зоран Заев од власт, ДУИ се смета за доволно силна и преку етноцентристичките политики сигурна е дека ќе го задржи своето гласачко тело, кое на клиентелистичка основа успешно е „обработувано“ повеќе од една деценија. Ниту еден од овие „главни” лидери нема да е целосно свесен дека граѓаните се уморни од избори  и дека нивните политички понуди во никој случај не значат надеж за подобра иднина.

Досега во нашата земја биле организирани 5 редовни и 4 предвремени парламентарни избори. На сите нив, ветувано било подобро утре, реформи, политики во интерес на граѓаните и европска иднина. На првите парламентарни избори одзивот на гласачи во првиот круг бил 88.8%, а во вториот 76.8%, со потсетување дека тогашниот изборен модел беше различен од сегашниот. На последните парламентарни избори, во 2016 година, одзивот на гласачите изнесуваше 66.79%. Она што треба да се потенцира, е фактот дека ниту едни избори до сега не донесоа реформи кои значат поквалитетен живот за граѓаните, туку носеа бенефиции за „вмровците”, „сдсмовците”, „албанците”…

Најчестите изјави на значителен број граѓани кои треба повторно да излезат на новите предвремени парламентарни избори е: „Нема да излезам на гласање!”. Пред изборите во 2016 година бевме соочени со општествена, институционална и системска криза, со секојдневни скандали на кои власта реагираше така што ги уништуваше сите оние кои ќе се обидеа да укажат на злоупотребите кои се правеа од страна на заробените институции. По изборите од 2016, повторно сме соочени со секојдневни скандали, за кои реакциите главно се искажуваат на социјалните мрежи, за што се смета дека е во духот на демократијата и, повторно, со општествена, институционална и системска криза.

Во сите свои изјави, премиерот вели дека е во функција на гласот на граѓаните. Секако и сите лидери на политичките партии кои имаат пратеници – статисти во Собранието, имаат ист став: сите тие работат во интерес на граѓаните и нивна цел е Македонија да се направи подобро место за живеење на сите!

Денес гласачот во Република Северна Македонија не е оној истиот од првите парламентарни избори, кој што се надева на сопствена суверена, самостојна и пристојна држава. Европската Унија не ни овозможи отпочнување на преговори, но ни овозможи визна либерализација преку која огромен број на граѓани видоа што значат улици со тротоари, а што само асфалтиран пат. Видоа што значи урбан град, а што тесен и згушен простор во кој станарите на зградите си гледаат преку тераса што готват комшиите. Видоа дека реките не служат за контејнери. Видоа дека ако работат соодветна работа, таа може соодветно и да им биде платена. Видоа дека секаде е мачно, но ако во развиените земји се трудиш и се жртвуваш, можеш барем да се надеваш на достоинствен живот. Видоа дека Заев, Груевски, Мицковски и Ахмети воопшто не се „главни фраери“, како што тоа им се чинеше додека немаа можност за слободно движење.

Граѓаните и граѓанските организации кои ги следат процесите, укажуваа на затворениот процес за спроведување на Пржинскиот договор чија цел, да потсетиме, беше „земјата да се изведе напред на евроатланскиот пат”. Од јануари 2016 година постои документ изработен од Институтот за Европска политика, во кој јасно се наведува дека во  Пржинскиот договор не беше јасно кажано во која форма треба да се постигне договор за начинот на кој ќе се спроведуваат реформите од поглавјата 23 и 24. Немаше ни расправа во Собранието како што сугерираше ЕУ.

Во истиот документ јасно е наведено дека единствено Националниот совет за евроинтеграции одржал јавна расправа за спроведување на итни реформски приоритети, но без длабоко навлегување во анализи за нивно спроведување. Исто така, јасно е кажано дека не се спроведуваат препораките на Европската комисија за системски прашања од владеењето на правото. Дијалогот требаше да се одвива структурирано, по тематски области опфатени во итните реформски приоритети кои вклучуваа: владеење на правото и правосудството, деполитизација на јавната администрација, изборни реформи и медиуми.

Денес е 20.10.2019 година и досега ниту една од реформите кои требаше да бидат спроведени од страна на институциите на нашата земја, не е целосно спроведена. Лидерите остануваат да се однесуваат нелидерски, заборавајќи дека одговорноста за ситуацијата во која се наоѓаме денес, е нивна, на секој од нив поединечно. Не само на оние кои биле или се на власт, туку на сите политички партии кои се институционални чинители. Токму главните политички партии ги имаат запоседнато сите институции кои се, да се потсетиме, од граѓаните. Од истите оние граѓани чиј глас сакаат да го слушнат.

Накратко: гласот на граѓаните е дека овие лидери не се во можност да одговорат на граѓанските и државните потреби. А нови итни избори, на сите им е јасно, не се никакво решение!

Прочитајте повеќе

Филмски факт: Вистинскиот настан што го инспирирал „Пред дождот“ на Милчо Манчевски

Филмски факт: Вистинскиот настан што го инспирирал „Пред дождот“ на Милчо Манчевски

Гала премиерата на реставрирана копија на филмот „Пред дождот“, што се одржа на 9 декември …