„Глембаеви, уште една Легенда“, претставата на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, гостува во Загреб

„Глембаеви, уште една Легенда“, претставата на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, гостува во Загреб

Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, од 18 до 22 ноември гостува во Загреб, на фестивалот „Еуроказ“, со претставата „Глембаеви, уште една Легенда“. Претставата, чија премиера се одржа минатиот месец, пред загребската публика ќе биде изведена трипати.

Режисер на претставата, која што е копродукција со „Еуроказ“, е Бранко Брезовец, автор на музиката Никола Мицевски, сценограф Ивана Кнез, а играат осуммина актери од ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“ и петмина загребски артисти.

Проектот „Глембаеви, уште една Легенда“ настанува како финален резултат на долгогодишното интересирање на хрватскиот режисер Бранко Брезовец за драмата Господа Глембаеви на Мирослав Крлежа, која што тој досега трипати ја има поставено на сцена: во Ријека, Загреб и Прилеп.

Оваа претстава-есеј, ја  допира можноста на односите Глембај – Ангелика (Aнгелика како фигура на Спасението и за стариот Глембај), Леоне – Зилбербрант (нивното љубовничко наговестување, па со тоа и ослабеноста на еротскиот контакт меѓу Бароницата и Зилбербрант) и односот на Оливер со Бароницата и Глембај (потполно неелабориран во драмата).

Уметничката организација „Еуроказ“ е основана во 1987 година, како фестивал на нов театар кој во текот на своите 27 фестивалски изданија се профилирал како еден од највлијателните фестивали во регионот и на кој настапиле над 300 уметнички групи од целиот свет. Фестивалот се одржуваше во континуитет од 1987 до 2013 година  Од 2006 година „Еуроказ“ се оддалечува од презентациската и информативната функција и станува продуцент и копродуцент на проекти со домашни и меѓународни уметници и партнери. Од 2014 година продукцијата станува главната дејност на Еуроказ.

Ова е второ гостување на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ на „Еуроказ“.

Прочитајте повеќе

Вебинар онлајн

Порано само читавме онлајн, сега животот го мигрираме онлајн

Правете бекап на дигиталните податоци, бидејќи ако чувате сè на лаптоп и ако случајно се …