Глорификацијата на Младиќ предизвика лавина реакции

Глорификацијата на Младиќ предизвика лавина реакции

Шест дена по смртта на поранешниот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ,обвинет за геноцидот во Сребреница, не стивнуваат реакциите во регионот и во Северна Македонија. Додека едни го глорифицираат, други бараат одговорност и оставки од функционери кои објавуваа содржини што, според критичарите, претставуваат пофалби за човек осуден за геноцид и воени злосторства.

Младиќ почина на 27 август во Хаг, каде што издржуваше доживотна затворска казна, а неговата смрт повторно ги отвори политичките поделби за случувањата на Балканот. Во фокусот на македонската јавност се најдоа објавите на социјалните мрежи на Демократската партија на Србите, чиј претседател Иван Стоилковиќ е министер за локална самоуправа, како и на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ. Опозициските партии побараа оставка и преземање одговорност од нив.

СДСМ: Мицкоски молчи за функционерите што го глорифицираа Младиќ

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) повторно го прозва премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека со непобараното преземање одговорност од министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ и од директорот Далибор Китановиќ, практично покажува согласност со нивните јавно искажани ставови поврзани со Ратко Младиќ.

Социјалдемократите во изминатите денови преку прес-конференции и писмени соопштенија бараат од премиерот да ги повика на одговорност двајцата функционери од редовите на Демократската партија на Србите во Македонија, кои на социјалните мрежи споделија содржини што, според партијата, претставуваат глорификација на ликот на Ратко Младиќ.

„Христијан Мицкоски молчи за својот пулен во Владата, Иван Стоилковиќ, не смее ниту да го спомене со име, а камоли да побара негова одговорност. Молчи и за Китановиќ. Иван Стоилковиќ навредува пратеници во Собранието и го велича Ратко Младиќ. Далибор Китановиќ како директор на Агенцијата за правата на заедниците објавува пофалби за човек кој спроведувал етничко чистење на заедниците“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Според партијата, доколку не следуваат оставки од Стоилковиќ и Китановиќ, тоа ќе значи дека остануваат на ставовите што ги искажале, а со тоа, како што тврдат, и премиерот индиректно ги поддржува.

Спорните објави предизвикаа реакции

Во петокот (28.08) на Фејсбук-страницата на Демократската партија на Србите во Македонија беше објавен текст во кој позитивно се зборува за Ратко Младиќ. Во текстот се наведува дека многу Срби го сметале за свој генерал во периодот на распадот на поранешна Југославија.

Истиот ден Китановиќ на Инстаграм објави фотомонтажа на која Ратко Младиќ е прикажан заедно со личности од српската историја, меѓу кои и Дража Михајловиќ, со натпис „Генерали на небеската војска“.

Овие објави предизвикаа силни реакции кај опозициските партии и во граѓанскиот сектор, од каде што беше побарана одговорност од функционерите поврзани со спорната содржина.

Од Либерално-демократската партија (ЛДП) посочуваат дека членот 407-а од Кривичниот законик предвидува санкции за величење, одобрување или минимизирање на геноцид и воени злосторства и оти не постои можност за „повлекување на ставот“ откако дејствието веќе е сторено. Партијата побара Китановиќ да биде разрешен и кривично гонет.

Од ДУИ побараа политичка одговорност и од Влен, бидејќи како партнер во власта не може да биде само набљудувач и да не реагира на ваквите ставови на владини функционери.

Китановиќ ја избриша објавата и се извини

Откако Владата излезе со став дека директорот на Агенцијата треба да се повлече од функцијата доколку не се согласува со ставот дека Ратко Младиќ е осуден за геноцид и воени злосторства, Китановиќ преку социјалните мрежи информираше дека ја избришал спорната објава и му се извинил на премиерот Христијан Мицкоски.

Тој наведе дека содржината ја отстранил веднаш и дека е подготвен да преземе одговорност за секој свој збор, но оти нема да прифати одговорност за „туѓите манипулации“ со неговите изјави.

Китановиќ негираше дека имал намера да навреди, понижи или повреди припадник на кој било народ, вера или етничка заедница и оцени дека против него се води политичка хајка.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Борозан: Не поминуваат манипулациите на Мицкоски, за проневерата на 5,5 милиони евра мора да постапи Обвинителството, не ДКСК

Борозан: Не поминуваат манипулациите на Мицкоски, за проневерата на 5,5 милиони евра мора да постапи Обвинителството, не ДКСК

Прес-конференција на Маја Серафимовска Борозан, СДСМ Отворањето предмет од ДКСК за можен судир на интереси …