Годинава ќе се возиме по првите километри од Кичево – Охрид и по експресниот пат Штип – Крупиште

Годинава ќе се возиме по првите километри од Кичево – Охрид и по експресниот пат Штип – Крупиште

Околу 25 километри нови експресни патишта и автопати ќе можат да се користат од македонските возачи годинава, доколку се остварат планираните проекти од Годишната програма за работа на Јавното претпријатие за државни патишта. Пролетва како прва фаза од изградбата на новата патна врска меѓу Штип и Кочани ќе бидат пуштени во употреба 14,3 километри од експресниот пат Штип – Крупиште. Воедно, десетина километри од автопатот Кичево – Охрид годинава треба да бидат отворени за сообраќај, во делот меѓу Врбјани и Охрид.

Постојат различни проценки за тоа колкав дел од автопатот Кичево – Охрид ќе биде пуштен во употреба во 2020 година. Реалистичкото сценарио вели дека ќе може да се вози по околу 10 – тина километри, додека министерот за транспорт и врски Горан Сугарески деновиве изјави дека ќе направат сѐ за да се стави во функција целокупната делница од Врбјани до Охрид, долга 30 километри.

Годинава ќе биде значајна за комплетирање на клучните проекти од патната инфраструктура во земјава. Инвестиционата програма на ЈП за државни патишта за 2020 година предвидува вложување на 195 милиони евра во патиштата. Лани ова претпријатие исполнило речиси 85 отсто од планираните инвестиции во неговата Годишна програма за работа, односно околу 180 милиони евра.

Од новите проекти на кои ќе треба допрва да почне да се работи, 2020 година ќе ја одбележи изведбата на првите 2 километри од автопатот Скопје – Блаце. Изградбата на почетната фаза од овој автопат треба да стартува во првиот квартал од годината, а паралелно на неа ќе се работи и на довршување на проектната документација за втората фаза од целокупната траса долга 13 километри. Во периодот април – јуни треба да се распише и тендерската постапка за избор на компанија што ќе ја гради втората фаза. За проектот вреден 110 милиони евра целосно се обезбедени финансиските средства, а се очекува градежната механизација до крајот на 2020 година да работи паралелно на изведбата на двете етапи од автопатот Скопје – Блаце.

Годинава ќе биде значајна за распишувањето на новиот тендер за изведба на делницата меѓу Фаришката и Дреновската клисура на експресниот пат Градско – Прилеп, каде што има позначајно доцнење на изведбата на проектот, меѓу другото, и поради минатогодишното раскинување на договорот меѓу ЈП за државни патишта и шпанскиот изведувач. Месецов ќе биде објавена нова постапка за избор на фирма, која што ќе треба да продолжи со изградбата на преостанатите 65 отсто од идниот пат долг 10 километри.

Годинава треба да се распише и тендерот за изградба на првата фаза од автопатот Гостивар – Кичево. Станува збор за делницата од Кичево до селото Букојчани, со должина од 12,7 километри. Проектот е во вредност од 105 милиони евра, од кои 20 милиони евра се обезбедени како неповратен грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан, 79,2 милиони евра преку кредит од ЕБОР, додека од државниот буџет би се обезбедиле 6 милиони евра.

Меѓу позначајните проекти што треба да продолжат со изведба во следните 12 месеци е и втората фаза од експресниот пат Штип – Кочани (делница Крупиште – Кочани), втората фаза од експресниот пат Градско – Прилеп (делница Градско – Дреново), како и двете фази од експресните патишта Ранковце – Крива Паланка и Штип – Радовиш. Сите овие проекти треба да се пуштат во сообраќај во текот на 2021 година.

За годинава е планирана реконструкција на три автопатски делници од Коридорите 8 и 10 со должина од 28 километри. Во овој пакет се вклучени делниците Хиподром – Миладиновци, Миладиновци – Петровец и Петровец – Хиподром. Во наредните 12 месеци ќе продолжи реконструкцијата на главните патни врски кон Бугарија и Албанија, кои се составен дел од Коридорот 8. Во март треба да заврши реконструкцијата на делницата Ранковце – Крива Паланка. Истовремено, треба да отпочнат градежните работи на Куманово – Страцин и Крива Паланка – Деве Баир. Кон Албанија, во 2020 година конечно ќе стартува со изведба на долгогодишното ветување – рехабилитацијата на патот Струга – Ќафасан.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Поентата што сака да ја постигне противничката партија е дека Пендаровски, всушност, не е човек …