Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на денешната прес-конференција ги презентираше податоците од Годишната даночна пријава за 2020 година на која истакна дека Управата за јавни приходи изготви и достави пополнета Годишна даночна пријава за 769.794 граѓани. Искажаниот годишен бруто доход во пријавите изнесува 331.146.120.469,00 денари, а пресметаниот данок на личен доход е во износ од 19.607.095.073,00 денари.

Лукаревска рече дека граѓаните преку своите кориснички профили на платформата е-ПДД имаа можност пополнетата Годишна даночна пријава да ја потврдат или да ја коригираат до 31 мај. По истекот на законскиот рок Годишните даночни пријави кои од страна на граѓаните не беа ниту потврдени, ниту коригирани беа автоматски потврдени. Од тука 593.375 ГДП службено беа потврдени, граѓаните потврдија 37.294 ГДП а коригирани се 1.832 ГДП.

Согласно податоците за највисоки прагови во 2020 година, 11 граѓани во 2020 оствариле над 100 милиони денари, а 557 граѓани оствариле приходи кои се движат од 10 до 100 милиони денари. Кај 40.021 граѓани утврден е бруто-доход над 1 милион денари, додека 616 024 лица оствариле бруто-доход кој се движи од 100 илјади до 1 милион денари.

Највисок годишен бруто доход за 2020 година изнесува 453,1 милиони денари, а е пријавен од скопјанка. Највисоката годишна бруто плата е остварена во индустријата со метали и изнесува 105,2 милиони денари, а исплатена е на граѓанин од Струга. На листата на највисоко рангирани бруто плати се најдоа и платите исплатени во секторот здравство, аптеки, одгледување на добиток, трговија со тутун и игри на среќа. Највисокото лично примање по основ на извршена работа изнесува 63,2 милиони денари на годишно ниво за повремено или привремено извршени услуги главно кон компанија за производство на алкохолни и безалкохолни пијалаци.

Највисоката капитална добивка во износ од 151,6 милиони денари е остварена од граѓанин на Скопје од продажба на сопственички удел, додека највисоката исплатена дивиденда во износ од 306,3 милиони денари е исплатена на граѓанин на Скопје кој е сопственик на бизнис кој припаѓа на дејностите на трговија со автомобили и моторни возила.

Скопјани повторно доминираат во исплата на највисок доход од самостојното вршење на дејност, највисокиот изнесува 73,5 милиони денари. Во 10-те топ рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, извршители, угостители, електро-инсталатори и производители на амбалажи од хартија.

Ресенчанец остварил највисок доход од продажба на земјоделски производи во износ од 32,2 милиони денари.

Највисок бруто доход од закуп и подзакуп на имот (издавање на земјиште, станови и деловни простории, превозни средства и друг вид на имот) остварил граѓанин од Скопје, во износ близу 50 милиони денари.

Скопјанец е прворангиран според остварен вкупно бруто доход од авторски права и други стварни права во износ од 15,4 милиони денари, додека по основ на права од индустриска сопственост граѓанин на Скопје остварил бруто доход во износ 9,2 милиони денари.

Највисоката добивка од лото, обложување, казино и учество во наградни игри, остварил граѓанин на Тетово чија добивка изнесува 40, милиони денари од обложување, а второрангираниот е граѓанин од Битола кој остварил 31 милион денари исплатени од Државна лотарија на Република Северна Македонија.

Прво-рангираниот пензионер е од Скопје кој пријавува странска пензија која изнесува 5,8 милиони денари на годишно ниво.

Лице од Тетово е со највисок годишен бруто доход по основ на уплатени премии и исплатена осигурена сума во износ од 6,2 милиони денари.

Категоријата друг доход вклучува доход од различни извори како што е доходот кој не е конкретно опишан во Законот за данокот на личен доход и не е изземен од оданочување, доходот остварен од продажба на корисен цврст отпад, доходот остварен со електронска трговија преку интернет, доходот од маркетиншки интернет услуги, износот на неискористената финансиска помош, износот на неискористените донирани финансиски средства, како и кусоци кои не се предизвикани од вонредни настани (кражба, пожар или други природни непогоди), и не се на трошок на платата на одговорното лице. Во оваа категорија скопјанка со пријавен годишен бруто доход од 449,6 милиони денари е прворангирана, а граѓанин од Тетово е второрангиран со пријавен бруто доход во износ од 247,7 милиони денари.

Во категоријата ,,Најмлад и Највозрасен милионер“ лице кое се родило во 2013 година остварило доход 1.016.947,00 денари, а лице на возраст од 96 години остварило доход во износ од 4.570.535,00 денари, основот по кој овие граѓани се најдоа во оваа категоријата, е заради доход остварен главно од закупнина.