Со панел-дискусија посветена на досегашната имплементација и идните предизвици денеска (12.08) беше одбележана 25-годишнината од Охридскиот договор, во организација на Министерството за односи меѓу заедниците во Клубот на пратениците. Од учесниците на панелот беа упатени пораки за продолжување на реформите, зајакнување на децентрализацијата, владеењето на правото и европската интеграција, како и за потребата од поквалитетни јавни услуги и поголема доверба во институциите.
На панелот учествуваа универзитетски професори, експерти, поранешни дипломати, политичари, новинари и претставници на граѓанскиот сектор.
Ферати: Да гледаме кон иднината
Министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати истакна дека 25-годишнината од Охридскиот договор не треба да биде само потсетување на минатото, туку можност вниманието да се насочи кон иднината.
„Овој настан не е само за одбележување на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Тој е можност нашето внимание да го насочиме кон иднината, кон зајакнувањето на владеењето на правото, развојот на едно поинклузивно општество и, особено, кон градењето капацитети и создавањето повеќе можности за младите“, порача Ферати.
Пастори: Договорот е жив инструмент
Поранешната дипломатка на ОБСЕ, Кларис Пастори, која била ангажирана во земјата во периодот на преговорите и имплементацијата на договорот, оцени дека Охридскиот договор е многу повеќе од мировен договор.
Според неа, тој ги штити човековите права, овозможува вклучување на заедниците во институциите и ја зајакнува демократијата преку правичната застапеност и децентрализацијата.
„Можам искрено да ве уверам дека Охридскиот рамковен договор е најдобриот договор што некогаш сум го видела или искусила. Тој мора да се живее, да се спроведува, да се подобрува и да се одржува секој ден. Тоа е жив инструмент и не е само нешто од минатото, туку основа за иднината“, рече Пастори.
Децентрализацијата останува клучен предизвик
Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, оцени дека имплементацијата на основните принципи на Охридскиот договор мора да продолжи без оглед на политичките промени.
Тој посочи дека во изминатите 25 години е постигнат значителен напредок, но дека фискалната децентрализација сè уште заостанува зад административната. „Без оглед кој бил, кој е и кој ќе биде на чело на институциите, имплементацијата на основните принципи на Охридскиот договор мора да продолжи“, рече Касами.
Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, истакна дека договорот не треба да се смета за завршена работа и дека денешниот стратешки интерес на државата е целосната интеграција во Европската Унија.
Потребни се развојни политики што обединуваат
На панел-дискусијата „Иднината на Охридскиот договор и градењето одржлив мир“ се обрати и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Тој оцени дека државата има капацитет да ги надмине етничките поделби и да гради вистинско граѓанско општество фокусирано на предизвиците на 21 век.
„Нашата различност треба да биде сила, а не политичка граница меѓу луѓето, а Охридскиот договор рамка за интеграција, а не причина политиката трајно да остане заробена во постконфликтна логика“, вели Муцунски.
Според него, следните 25 години треба да бидат години на одговорност, квалитет и резултати – подобри институции, повеќе заедништво и правична застапеност надградена со знаење, професионалност и интегритет.
„Особено мора да мислиме на генерациите родени долго по 2001 година. Секој млад човек треба да има можност да успее врз основа на својот талент, образование, труд и карактер, а не неговата иднина да биде определена од презимето, етничката припадност, партиската книшка или познанствата“, истакна Муцунски.
ДУИ со посебна прослава ќе ја одбележи годишнината
Свеченото одбележување на 25-годишнината од Охридскиот договор продолжува и на 13 август со активности организирани од Министерството за односи меѓу заедниците.
Во меѓувреме, ДУИ најави посебен настан по повод годишнината од потпишувањето на договорот. Настанот ќе се одржи во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, со панел-дискусија на тема „25 години од Охридскиот мировен договор – наследството, предизвиците и иднината“.
Според најавите, фокусот ќе биде ставен на значењето на Охридскиот договор, неговото наследство и предизвиците со кои државата се соочува во процесот на натамошен демократски и европски развој.
Охридскиот договор беше парафиран на 10 август во Охрид, а официјално потпишан на 13 август 2001 година од тогашниот македонски претседател Борис Трајковски и тогашните партиски лидери: на ВМРО-ДПМНЕ – Љубчо Георгиевски, на ПДП – Имер Имери, на СДСМ – Бранко Црвенковски и на ДПА – Арбен Џафери, а во присуство на олеснувачите од ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место