Украинските власти рано утринава (28 ноември) јавија за масовен напад на руските сили врз енергетската инфраструктура на земјата, поради што има прекин на електричната енергија во голем дел од државата.
„Со температури околу нулата, уште еднаш, енергетскиот сектор беше подложен на масовен напад од непријателот“, соопшти украинското Министерство за енергетика на Фејсбук.
Русија врши напад од големи размери против енергетската инфраструктура на Украина, објави украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко.
„Напади на енергетските капацитети се извршуваат низ цела Украина. Операторот на електропреносниот систем Укренерго итно воведе вонредни прекини на струја“, напиша министерот на Фејсбук, додавајќи дека висината на штетата ќе биде проценета штом дозволи безбедносната ситуација.
Рано утринава Русија истрела крстосувачки ракети кон Украина, предизвикувајќи воздушна тревога низ целата земја.
Снабдувањето со електрична енергија во градовите Киев, Одеса и Днипро е прекинато, прецизираше операторот на мрежата ДТЕК. Воздушна тревога беше прогласена низ целата земја, при што украинските воздухопловни сили известија за ракетни напади насочени главно кон регионите Одеса, Кировохрад, Херсон и Николаев.
Во вторникот, Русија го објави својот „одговор“ на двата нови украински напади со американски ракети ATACMS врз нејзината територија во последните денови.
Од почетокот на нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година, Русија ги напаѓа цивилните области во Украина, а како што се приближува зимата, таа ги засилува нападите, главно врз енергетската инфраструктура, јавија западни медиуми.
Руското Министерство за одбрана, пак, соопшти дека синоќа (27 ноември) уништило 25 украински беспилотни летала над областа Брјанск, Крим, Краснодарската и Ростовската област.
Извор: РСЕ