„Големата ѕвезда на македонскиот филм“ на Браќа Манаки постхумно ќе биде доделена на Горјан Тозија

Наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“, која се доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија во рамките на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, оваа година ќе биде постхумно доделена на филмскиот продуцент Горјан Тозија.

„Големата ѕвезда на македонскиот филм“ е награда на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ).

Од организацијата на фестивалот велат дека во богатата професионална биографија на Тозија ќе останат запаметени двата најголеми успеси на нашиот филм – номинацијата за Оскар на филмот „Пред дождот“ во 1994 година, кога тој раководеше со продуцентската куќа „Вардар филм“ и двојната номинација за Оскар на филмот „Медена земја“ во 2020 година, кога тој беше на чело на Агенцијата за филм на РСМ.

Горјан Тозија (1954-2022) беше филмски продуцент, поранешен државен секретар во Министерството за култура и советник во Кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. Беше претседател на Друштвото на филмски работници, а во 1993 година се наоѓаше на чело на државната продуцентска куќа „Вардар филм“. Тозија е продуцент на повеќе домашни и странски филмови: „Ослободувањето на Скопје“ (2016) „Трето полувреме“ (2012), „Ливада“ (1998), „Џипси Меџик“ (1997), „Преку езерото“ (1997), „Пред дождот“ кој доби номинација за Оскар во 1994, „Undercover“ (1991), „Sidney Sheldon’s Memories of Midnight“ (1991), „The Forgotten“ (1989), „A time of destiny“ (1988). Во својата кариера работеше на повеќе од 50 филмски и ТВ проекти. Во периодот од 2017 до 2020 година беше на чело на Агенцијата за филм на РСМ, под чие водство македонскиот филм го доживеа најголемиот успех до сега.

Како пасиониран вљубеник во филмот, Тозија целиот свој живот го посвети на афирмација на македонската кинематографија во светот, се залагаше за поддршка на младите кретивни автори и за поголема застапеност на жените во филмската индустрија, велат од „Браќа Манаки“.

Досегашни добитници на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ се Кирил Ценевски, Милчо Манчевски, Дарко Марковиќ, Сајмон Пери, продуцентската компанија „Вардар филм“, Милица Стојанова, Љупчо Константинов, Столе Попов и Бајрам Северџан.

Прочитајте повеќе

(ВИДЕО) Катастрофа во Индонезија: Најмалку 174 лица загинаа во немирите после завршувањето на фудбалски натпревар

Најмалку 174 лица загинаа а преку 200 се повредени во немирите што се случија во …