Големите илузии на Балканот

Големите илузии на Балканот

Шесте земји од Западен Балкан последнава година слушнаа толку големи зборови и ветувања од ЕУ за нивната иднина, а сега се подалеку од кога било од европските порти.

Пишува: Љупчо Поповски

Изгледаше дека турнејата на Урсула фон дер Лајен оваа недела на Балканот ќе расчисти некои работи околу тоа дали Европската унија навистина е подготвена во еден догледен временски период да ги прими земјите што се надвор од клубот во своите редови. Но, наместо тоа, еден отрезнувачки извештај на Ројтерс ја стави претседателката на Европската комисија во дефанзива и само да ги повторува старите ветувања, а да не понуди нешто навистина ново и опипливо. И да го покрие Балканот со густи обалци на големи илузии.

Изгледа парадоксално, но шесте балкански земји кои не се во ЕУ не слушнале толку многу ветувања и толку навидум искрени зборови од функционерите на Унијата и од земјите членки последнава година, а во исто време да се толку многу далеку од портите на клубот. Кога неодамна на својата проштална посета на регионот германската канцеларка Ангела Меркел беше во Белград, медиумите повеќе обрнуваа внимание на нејзиниот близок однос со Александар Вучиќ отколку на пораката дека земјите од Западен Балкан ги очекува долг пат кон членството во ЕУ. Меркел тогаш, а Фон дер Лајен сега во Скопје, порачуваа дека земјите не треба да се откажуваат, дека треба да имаат верба и да продолжат по патот по кој одат.

Тоа не се лоши зборови, но главното прашање е дали ЕУ се откажува и дали таа продолжува по патот кој го зацрта во 2003 година во Солун, или како во филмот „Форест Гамп“, наеднаш реши да престане да трча. Македонија е најдобар пример за оваа двосмисленот – 16 години е кандидат за членство и сега е спречена од земјата која во Унијата ја сметаат како лош пример: Бугарија беше примена во членството без да биде подготвена, најгоре е на скалата според корупцијата, најдолу на скалата по медиумски слободи (Македонија е на 90. а Бугарија на 112. место на листата на „Репортери без граници“), европските пари за развој се губат како да пропаднале во бунар, Америка воведува санкции за важни бугарски личности. Па, сепак, таа држи лекции како треба да изгледа демократијата во една земја, како треба да изгледаат нејзините историски и јазични учебници само затоа што е во клубот.

Европска конфузија

Европската унија е во своевидна конфузија – сака да испорача нешто што го ветила, а не може да го направи тоа. Сака да изгледа како доверлив сојузник и дека стои на своите зборови, а или нема сили или не знае како да го стои тоа поради премногуте интереси во клубот. Сега подобро се гледа тежината на ветото на францускиот претседател Емануел Макрон во октомври 2019 година, кога го запре почетокот на преговорите со Македонија и Албанија со банални толкувања. Оттогаш процесот на проширување тргна надолу и веќе не може да се запре. Ни новата методологија, ни подоцнежните изјави на Макрон, ни слаткоречивите појаснувања од другите метрополи, не промени ништо позначајно – само ги зголеми илузиите. Или како што напиша Ројтерс: „Кредибилитетот на ЕУ е оштетен, особено откако Франција и Холандија привремено го прекинаа процесот на проширување пред две години, а Бугарија сега го блокира“.

Не мора да му верувате целосно на Ројтерс дека во две рунди европските дипломати не успеале да го усогласат вордингот за самитот ЕУ-Западен Балкан идната недела во Брдо, Словенија за Унијата да го повтори ветувањето дадено пред 18 години за европската перспектива на Западен Балкан. Не мора да му верувате и за кочниците на Данска, Франција и Холандија кои се плашат од повторување на брзото пристапување на Романија и Бугарија во 2007 година. Затоа, прочитајте ја агендата на самитот во Словенија и работите веднаш ќе ви станат појасни – веќе подолго време се знае дека овој собир нема да биде за проширување, сега прашање е дали ќе биде и за некаква можна европска иднина. Лани, во мај, Хрватска како претседавач со ЕУ одржа видео самит со земјите од Западен Балкан. Оттогаш наваму ништо позначајно не е променето, освен што Бугарија ископа уште подлабок ров за Македонија, а во него сега е турната и Албанија.

Целиот текст ТУКА

Прочитајте повеќе

Административци не сакаат да спроведуваат избори, сакаат да празнуваат

Административци не сакаат да спроведуваат избори, сакаат да празнуваат

Реална потреба или празниците и распустот ги натераа административците да се повлекуваат од членството во …