Студ, магла и големо загдување на воздухот ги дочека утрово скопјани. Лош воздух дишат и жителите на Битола, Велес, Кичево, Куманово, Охрид, Струмица, Тетово…. Речиси и да нема мерна станица на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух на Министерството за животна средина која покажува чист воздух. Вредностите на ПМ честичките се далеку над максимално дозволените граници, состојба која се повторува секоја зима, особено што мерките за почист воздух речиси и да ги нема.
Во скопската Општина Центар денеска загадувањето е високо или, како што проценува Државниот мониторинг систем, многу лошо. Утрово концентрациите на ПМ10 се над 180, а на ПМ2,5 над 120 микрограми на кубен метар. Слично е и во Карпош, каде ПМ10 се над 150, а ПМ2,5 над 120 микрограми. Во Лисиче во текот на ноќта ПМ10 биле над 300 микрограми, а утрово се над 130.
Во Битола утрово ПМ10 се над 120, а ПМ2,5 над 100, во Велес над 140 и над 110, а во Кичево, во текот на ноќта ПМ10 биле речиси 300, а ПМ2,5 над 270 микрограми на кубен метар.
Многу лош воздух утрово има и во Тетово, каде ПМ2,5 се над 130, а во Куманово над 110.
Според податоците од новиот портал на Државниот мониторинг на воздухот, од 17 денови во декември, мерните места во Струмица, Кичево и Лисиче регистрирале 13 надминувања на максималните вредности на ПМ10. Во Центар во Скопје и во Гостивар било загадено 12 дена, а кај Ректорат, Кавадарци и Велес 11 дена овој месец.
Од Министерството за животна средина денеска информираа дека во функција е нов веб портал за квалитет на воздухот, каде податоците од сите мониторинг станици може да се гледаат во реално време. Новитет е тоа што тие се споредуваат со новиот индекс, кој е во согласност со Европскиот индекс за квалитет на воздух кој започна со примена од јули годинава. Веб страната содржи и анализи на надминувања на граничните вредности во тековната година како и годишни анализи за претходни години. Од Министерството велат дека има и мобилна апликација за следење на податоците за квалитетот на воздухот за Андроид и iOS кои можат да се симнат од веб страната.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место