Горазд Китановски- Кени е победник на националниот слем натпревар

Горазд Китановски- Кени е победник на националниот слем натпревар

Во киното „Мис Стон“ во Прилеп викендов се одржа единаесеттиот национален слем натпревар, на кој за титулата национален победник/национална победничка се натпреваруваа дваесеттина слемери и слемерки.

Национален победник во слем-поезија за 2021 година е младиот слемер и изведувач Горазд Китановски- Кени од Скопје, соопштија од Поетри слем на Македонија.

Кени ѝ е познат на јавноста по својот поетски перформанс на изведување и читање поезија во автобус на ЈСП на почетокот годинава, како и по мултидимензионалниот перформанс посветен на Скопје – „Градот убав“, што се одржа во Музејот на современа уметност во рамките на настанот „Бела ноќ“ минатата година.

Второ место на националниот слем натпревар освои прилепчанецот Никола Дукоски, а трето Валерија Дамчевска од Битола.

Како што додаваат организаторите, традиционално, победникот на националниот слем натпревар ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство, на кое досега како македонски претставници се натпреваруваа Афродита Николова, Игор Трпчески – Трпче, Марија Грубор и Елена Пренџова.

Специјален гостин на вечерта беше данскиот поет Мартин Глас Серуп, чии песни во препев на македонски и англиски јазик ги читаа Драгица Здравеска, Добрила Грашевска, Цветанка Колева и Билјана Волчевска.

Вовед во настанот беше кратката промоција на стихозбирката Пред некое време од Тихомир Јанчовски. Националниот слем-натпревар истовремено го промовираше и слем-зборникот „11 години поетски слем Македонија 2021“  во кој се објавени дваесет и осум слем автори и авторки.

Традиционалниот национален слем-натпревар е во организација на „Театарска работилница“ – Прилеп и Игор Трпчески – Трпче и во коорганизација на Елена Пренџова.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Вебинар онлајн

Порано само читавме онлајн, сега животот го мигрираме онлајн

Правете бекап на дигиталните податоци, бидејќи ако чувате сè на лаптоп и ако случајно се …