Град Скопје подготвува елаборати за загадувањето на воздухот – за догодина

Двете испитувања на загадувањето на амбиенталниот воздух од возилата и од греењето на домаќинствата, предвидени во Програмата за животна средина за 2018 година во Скопје, од кои треба да произлезат конкретни мерки за намалување на загадувањето, ќе бидат завршени следната година, информираат од Град Скопје.

„Испитувањата, реализирани во соработка со „Фармахем“ и со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип се во тек и се реализираат во фази. Досега е завршена првата (есенска) од предвидените четири фази, а преостанатите три ќе бидат реализирани во текот на следната година, по што ќе биде изработен и финален елаборат“, се вели во информацијата.

Испитувањата се вршат долж булеварот Илинден како пофреквентна сообраќајница и на улицата Аминта трети во близина на Министерството за земјоделство, како помалку фреквентна сообраќајница.

Во Програмата за животната средина за 2018 година стои дека првите испитувања биле направени во 2016/2017 година и дека за оваа година ќе се изврши семплирање и испитување на органски соединенија, тешки метали, азотни оксиди, сулфур двооксид, ПМ-10 и ПМ-2,5 на две крстосници во градот во текот на една година, нивна анализа во лабораторија, но и дека финалниот елаборат било предвидено да биде изработен годинава, за што биле одвоени три милиони денари од градскиот буџет.

Во Програмата за животна средина на Град Скопје за 2018 е наведено и дека во текот на грејната сезона 2016/2017 година биле извршени мерења на три различни локации во градот, две каде е доминантно греење со огревни дрва и една каде е доминантно греењето преку топлификациониот систем на Градот Скопје, но за да се потврдат заклучоците до кои е дојдено, потребно е да се направат дополнителни мерења во следната грејна сезона.

Ова испитување на амбиенталниот воздух преку семплирање на ПМ-10 и анализа на левоглукосанот во нивниот состав е започнато во 2018 година, според податоците добиени од информативната служба на Градот, се одвива според планираната динамика. Досега се собрани податоци за периодите лето и есен, а во наредниот период ќе се собираат податоци за зима и пролет, по што ќе има една временска целина која ќе биде предмет на компарации и анализи, се вели во информацијата од Град Скопје.

Градот соопшти дека за 2019 година е планирано е зголемување на буџетот за заштита на животна средина, односно планирани 186 милиони денари, што претставува речиси 32 проценти во однос на буџетот за 2018 година во кој за овој сектор биле предвидени 141 милиони денари.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

полиција

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави …