Од прозорецот гледав како градот ги убива патките кои немаше каде да се засолнат. Настрадаа и многу кокошки. Страшно и жално беше да се гледа. Јас не паметам вакво невреме. Без помош на државата тешко ќе излеземе на крај со последиците од невремето – вели Кронислав Мантароски од Големо Коњари.

од Зоран Милошески, Прилеп

Прилеп во понеделникот беше погоден од силно невреме, проследено со пороен дожд и град. Од градот, кој во атарот на селата Мало и Големо Коњари беше со големина на орев, целосно се уништени насадите со тутун, пиперки, пченка и жито. Иако првичните процени беа дека невремето зафатило 300 хектари земјоделско земјиште, обиколката на теренот покажа дека штети има на двојно поголема површина – на околу 600 хектари.

Жителите од овие населени места велат дека вакво невреме не се случило во последните 25 години. Тие нагласуваат дека штетите се стопроцентни и дека доколку државата не им помогне, во прашање ќе биде доведена нивната егзистенција. Земјоделците побараа да се формира комисија што побрзо ќе излезе на терен и ќе ги утврди штетите. Тие се плашат дека повторно можат да бидат изиграни како што тоа се случило во неколкуте изминати години.

– Во 2010 година, градот ми го уништи родот со пченица на површина од 10 хектари. Дојде комисија, направи увид, но до ден денешен не ми е исплатен ниту еден денар обесштетување. Останаа само документите што ги чувам и денеска. Истото се случи и во 2013 година. Овој народ овде живее само од земјоделие. Имаме семејства, децата ни студираат. Го замолуваме градоначалникот работата да биде сериозно сфатена и да не дозволи повторно да бидеме излажани – апелираше Тони Петкоски, земјоделец од село Мало Коњари.

Во соседното населено место, Големо Коњари, сликата е идентична, ако не и полоша. Градот го уништил тутунот и другите земјоделски култури, направил штета на покривите на куќите, искршени се ролетните, а од големината на градот настрадале и голем број патки и кокошки.

– Од прозорецот гледав како градот ги убива патките кои немаше каде да се засолнат. И кај мене и кај соседите настрадаа многу кокошки, а голем дел се повредени. Страшно и жално беше да се гледа. Јас не паметам вакво невреме. Штетите се големи, без помош на државата и на Општината тешко ќе излеземе на крај со последиците од невремето – истакнува Кронислав Мантароски.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, заедно со раководителот на подрачната единица за земјоделие, Зоран Пачешкоски, и претседателот на Комисијата за проценка на штети од елементарни непогоди, Жарко Северкоски, го посетија регионот настрадан од невремето. Глетката на овој дел од Прилепското Поле беше страотна. Сета мака и сиот труд на земјоделците беше уништен за само дваесетина минути, колку што траеше невремето.

– Штетите се огромни. Општина Прилеп и јас како градоначалник ќе направиме сѐ што е во наша надлежност да им излеземе во пресрет на земјоделците од регионот и да ги ублажиме настанатите штети. Од тие причини, Општината ќе побара од Министерството за земјоделство и од надлежните институции да прогласат елементарна непогода, бидејќи овде тоа и се случи. Ние ќе побараме земјоделците да бидат ослободени од плаќање на сметките за наводнување на земјоделските површини, а на тие што немаат имотен лист за земјиштето што го обработуваат ќе им помогнеме да склучат нотарски акт со кој, со двајца сведоци, ќе докажат и ќе гарантираат дека површините што ги обработуваат се во нивна сопственост. Трошоците за нотарските услуги ќе бидат на товар на Општина Прилеп – изјави Јованоски.

Во најголем дел земјоделските насади не се осигурени од причина што, како што кажуваат земјоделците, секогаш кога настанувале штети, осигурителните компании не вршеле реална проценка.

За само две недели, ова е второ невреме што го зафати Прилепскиот Регион. Првиот пат од невремето беа погодени околу 100 хектари со земјоделски култури, а наплата на штетите побарале 105 земјоделци.

Објавено во Слободен печат