Градоначалникот Илија Јованоски денеска во својот кабинет, оствари средба со амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј. Тие разговараа на актуелни општество-политички теми и прашања поврзани со референдумот што ќе се одржи во недела, на 30-ти септември, но и за работата на Општина Прилеп.
„Разговаравме за теми од работата на локалната самоуправа, кои се нашите проблеми и заложби, нашите перспективи и планови во иднина. Разговаравме и за општествено-политичката состојба во која што сега, се наоѓа Република Македонија и за она што треба да направиме во иднина. Упатувам благодарност за посетата на амбасадорката Галовеј, благодарност и до Велика Британија, за поддршката на Република Македонија за престојниот референдум и остварување на нашите заложби како држава да станеме земја членка на Европската Унија“, рече градоначалникот Илија Јованоски, при денешната средба со амбасадорката Галовеј.
Амбасадорката на Велика Британија, Галовеј се заблагодари на градоначалникот Јованоски, што и покрај бројните обврски,како што рече, тој најде време за оваа средба.
„Со градоначалникот зборувавме за престојниот референдум и за неговата успешност, за британско-македонската соработка и за начините на коишто можеме да ја зајакнеме соработката“,рече амбасадорката Галовеј.
Во рамките на својот престој во Прилеп, таа денеска ќе ја посети и конфекцијата „Комфи –ангел“.