Градоначалникот Јованоски и членовите на „Граѓанскиот парламент“ дискутираа за новиот општински буџет за 2020 година

На денешната средба на „Граѓанскиот парламент“, кој започна да се реализира со доаѓањето на функција на градоначалникот Илија Јованоски, се дискутираше за приоритетите во новиот општински буџет за 2020 година, а на средбата беше презентиран и проектот „Мои пари, моја одговорност: партиципативно раководење со буџетот на општините“.

Овој Проект го спроведуваат здруженијата „Иницијативен глас“ и “Finance Tink“, кои се членки на FISCAST мрежата и има за цел да се подобри праксата и учеството на локалните засегнати страни во процесот на локално буџетирање и да се зголеми ефикасноста на трошењето на општински пари.

„Општина Прилеп продолжува со демократскиот начин на изразување при формирањето на општинскиот буџет за наредната година. Имено „Граѓанскиот парламент“ којшто функционира од самото мое доаѓање како градоначалник, продолжува и оваа година, поточно на крајот од оваа календарска година кога го формираме буџетот за 2020 година. Претходниот период ги посетивме сите урбани и месни заедници, каде од граѓаните можевме да ги слушнеме потребите и решенија за проблемите кои ги интегриравме во оформувањето на буџетот за наредната година. Во буџетот за наредната година најмногу средства има предвидено за инфраструктурни проекти. Денес на „Граѓанскиот парламент“ мислам дека ќе имаме дополнувања на нешто ако сме пропуштиле. Да повторам, граѓаните го формираат општинскиот буџет и мислам дека тоа е најдобриот, најсигурниот и најправедниот начин за формирање на буџетот на секоја општина“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Општина Прилеп.

На денешниот настан беше презентиран предлог – буџетот на Општина Прилеп за 2020 година, од страна на дел од раководните лица од општинската администрација. Презентацијата беше реализирана пред граѓаните, пред претставниците на невладините организации и останатите чинители од локалната заедница, а сето тоа во правец на нивно проактивно вклучување во дискусии и препораки за нивните приоритети во новиот општински буџет.

„Денес сме присутни во Општина Прилеп заедно со градоначалникот и претседателот на Советот на настан кој е поврзан со креирањето на буџетот, односно со партиципативното  буџетирање. Во изминатите две години Општина Прилеп го практикува партиципативното, што не беше случај во претходниот период. Граѓаните, односно нивните потреби се преточени во општинскиот буџет. Нашата крајна цел е отварање на статутите на општините и внесување на партиципативното буџетирање во нив, односно во иднина да не се доведеме во ситуација да отворањето на буџетот за граѓаните биде само волјата на градоначалникот или само на лицата кои ја водат општината.туку тоа да биде обврска, бидејќи сметаме дека така и локалната самоуправа и граѓаните би биле позадоволни“ истакна Александар Гавриловски, претставник од невладината организација „Иницијативен глас“.

„Ваквиот начин на слушање на граѓаните и нивното мислење, а потоа инкорпорирање на нивните  идеи и предлози во новиот буџет на Општина Прилеп, е прв случај. Кажа и претставникот од невладината организација дека Прилеп беше една од општините која го спроведе овој пилот проект, каде што директно на средби со граѓаните јас како претседател на Советот заедно со градоначалникот, директорите и раководителите на јавните комунални претпријатија во градот, имавме можност преку директни средби со граѓаните да ги слушнеме сите нивни предлози и тие да бидат практично инкорпорирани во буџетот. Знаете дека предлог-буџетот на Општина Прилеп за наредната година, е подготвен и врз основа на онаа статутарна определба дваесет дена пред неговото донесување е доставен на советниците. Сите оние предлози кои што денеска дополнително ќе бидат адресирани до нас, се надевам дека преку амандмани ќе бидат дополнително вклучени во целокупниот буџет“, истакна претседателот на Совет на Општина Прилеп, Миле Талевски.

“Мои пари, моја одговорност: партиципативно раководење со буџетот на општините” е проект кој е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество Civic Engagement Project-North Macedonia и има за цел активно вклучување на граѓаните и организациите во процесот на донесување на општинските буџети.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …