Градоначалникот Јованоски на видео конференција со американската амбасадорка во нашата земја, Кејт Мери Брнз

Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, денеска беше дел од видео конференцијата на која учествуваа и амбасадорката на САД во нашата држава, Кејт Мери Брнз и градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски.

Двајцата градоначалници и американската амбасадорка разговараа за предизвиците со кои општините се соочуваат за време на кризата со КОВИД-19, за начинот на кој Прилеп и Штип одговорија на пандемијата, за комуникацијата со централната власт и со граѓаните, како и за мерките кои локалните власти ги преземаат за заживување на економијата.

Градоначалникот Јованоски истакна дека општина Прилеп беше меѓу првите во државата, во која за кратко време се појави и прогресираше пандемијата од КОВИД-19. Тој рече дека заклучно со денешниот ден, Центарот за јавно здравје во трите општини – Прилеп, Долнени и Кривогаштани, има извршено околу 2.000 тестирања, дека позитивни на коронавирус биле 242 лица, 202 лица оздравеле а 19 починале.

Градоначалникот Јованоски напомена дека во соработка со текстилната компанија „Гифти Текс“, Општина Прилеп прва во нашата држава вршеше дистрибуција на бесплатни маски за сите здравствени институции и за граѓаните на општината, дека континуирано се вршеше дезинфекција на улиците во градот и населените места, на јавните површини и влезовите во зградите. Тој зборуваше и за улогата на волонтерската служба, која на граѓаните од ранливите категории, на лицата со хендикеп, им набавуваше и доставуваше храна и лекови, што беше особено изразено за време на таканаречениот „полициски час“.

Јованоски ја истакна одличната комуникација и соработка со централната власт, односно со сите министерства и државни институции кои на некаков начин се вклучени во справувањето со здравствената криза, како и доследната примена на сите мерки и препораки кои ги носат Владата, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.

Градоначалникот Јованоски рече дека, во соработка со Советот на општина Прилеп, беа донесени повеќе економски мерки за ублажување на финансиските штети кои ги претрпеа прилепските малостопанственици и дека во соработка со повеќе домашни и меѓународни компании и институции, на семејствата со социјален ризик им беа распределни хуманитарни пакети со прехранбени производи и дезинфекциони средства.

На крајот на едноиполчасовната видео конференција, градоначалникот Илија Јованоски упати покана до амбасадорката на САД во нашата држава, Кејт Мери Брнз, да ја посети општина Прилеп, кога за тоа ќе се создадат услови, првенствено од аспект на надминување на здравствената криза со коронавирусот.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …