Градот го почна отстранувањето на првата галија од коритото на Вардар, сопственикот негодува

Градот го почна отстранувањето на првата галија од коритото на Вардар, сопственикот негодува

Градот Скопје денеска почна да ја отстранува првата од трите галии во коритото на реката Вардар. Станува збор за галијата поставена спроти хотелот „Холидеј ин“, информираат градските власти. Демонтажата ќе ја вршат екипите на ЈП „Улици и патишта“ во наредните неколку недели, и тоа на трошок на фирмата која досега управуваше со галијата во својство на должник во извршната постапка.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска изјави дека активностите ќе опфатат целосно демонтирање на галијата, а најпрво се вадат движните ствари кои што се наоѓаат внатре.

„Со ова, како континуитет на политиките што јас ги креирам како градоначалник, започнуваме со поизразено расчистување со криминалниот и подмолниот проект „Скопје 2014“. Овие галии не се само надвор од здравата естетика, тие се и опасност за граѓаните на Скопје, имајќи предвид дека сите анализи што ги направи Градот од една страна, но и според студијата на УНДП, зборуваат дека галиите во коритото на реката Вардар претставуваат сериозна опасност од поплави кои може да нанесат сериозна материјална штета и да ги загрозат животите на скопјани“ изјави градоначалникот Шилегов.

Тој се заблагодари на граѓаните за покажаното трпение, зашто заради правните постапки и процедури се доцнело со отстранувањето на галијата.

„Одлучив така да работиме, зашто ваквото отстранување на галијата нема да претставува никаква финансиска опасност за Градот, дури и отстранувањето што ќе го вршат „Улици и патишта“, ќе биде на сметка на фирмата-корисник“ објасни Шилегов.

Инаку, сопственикот на галијата – фирмата „Сервис Емус“ денеска излезе со демант на тврдењата на Град Скопје, посочувајќи дека не должат ништо на градските власти, а вложиле над 1,2 милиони евра во бродот. Според нивното тврдење, не е укината дозволата за поставување на урбана опрема, со што тврдат дека во сила е правниот акт врз чија основа е поставена галијата. Од „Сервис Емус“ велат дека во тек се два судски предмети, од коишто за едниот утрово се одржало рочиште и не можело да се руши на сила додека не се донесе судска одлука, велат сопствениците на бродот.

Според студијата за намалување на ризикот од поплави која што неодамна ја изготви УНДП заедно со Град Скопје и Центарот за управување со кризи, во реката Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти, а галиите за третина ја намалиле проточноста на реката во центарот на Скопје.

Инаку, регулацијата на коритото на реката Вардар претставува еден од најголемите капитални проекти што биле реализирани во Скопје по земјотресот од 1963 и катастрофалната поплава една година пред земјотресот. Изведбата на минор и мајор коритото на реката Вардар ја опфаќа територијата не само на центарот на Скопје, каде што се лоцирани трите галии, туку и целата должина на Вардар од Сарај до Трубарево, се со цел да се спречи излевање на надојдените речни води и поплавување на Скопје во случај на обемни врнежи.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Изборна битка во петка и шестка за две пратенички места

Изборна битка во петка и шестка за две пратенички места

Гласачите во седум избирачки места во две изборни единици ќе одлучуваат можеби и за преструктуирање …