Градскиот превоз во Прилеп се „тркала“ на три автобуса!

Од вкупно 12 автобуси, пет се надвор од употреба, три се користат за превоз на ученици и за вработените во „Гентерм“, па за јавниот транспорт остануваат само четири автобуси, од кои најмалку еден е во континуиран дефект, вели новото раководство на јавното претпријатие.

Завршната сметка за 2017 гoодина покажала загуба од пет милиони денари, како и дополнителни обврски од 10 милиони денари. В.д. директорот Петрески вели дека се видливи злоупотреби при набавките на резервни делови за автобусите, како и плаќањето разни услуги.

Зоран Милошески

Градскиот превоз во градот под Марковите Кули се изведува со само три автобуси. Иако Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови (ЈП ПУП), кое е одговорно и за јавниот транспорт во Прилеп, има вкупно 12 автобуси, три четвртини од возниот парк не се користат за потребите на прилепчани.

– ЈП ПУП располага со 12 автобуси. Од нив, пет се надвор од употреба, три се користат за превоз на ученици и за вработените во „Гентерм“, така што за градскиот превоз на располагање ни стојат само четири автобуси. Од нив, најмалку еден е во континуиран дефект, што значи дека двете линии функционираат со само три автобуса – вели Славе Петрески, в.д. директорот на ЈП ПУП.

Состојбата на автобусите е исклучително лоша.

– Секојдневно мака мачиме да ги оспособиме. Каде и како се потрошени парите за набавка на автобуси и зошто вакви амортизирани возила се купувани, треба да одговорат поранешниот градоначалник Марјан Ристески и органите на тогашната локална власт – вели Петрески.

Автобусите во просек се стари 20 години, па прекините на линиите се секојдневни.

– Не можеме ние да им го фатиме редот, а не патниците. Потребна е обнова на возниот парк, бидејќи колку и да се трудиме да ги оспособиме постоечките, тоа е тешко, да не речам невозможно. Овие автобуси си го отслужиле своето. За непречено извршување на обврските и задоволување на потребите на граѓаните, неопходни ни се најмалку 10 автобуси – нагласува раководителот на „Градски превоз“, Александар Јошески.

В.д. директорот Петрески вели дека заедно со градоначалникот Илија Јованоски максимално се ангажираат за наоѓање решение за подобрување на јавниот превоз во Прилеп.

– Заедно со градоначалникот правиме напори за купување автобуси со кои ќе ја подобриме состојбата во градскиот превоз во Прилеп за да ја доведеме на ниво какво што му наликува на нашиот град. Засега не можеме да купиме нови автобуси бидејќи се многу скапи, меѓутоа, на пазарот можат да се најдат половни автобуси во добра состојба, кои ќе го подобрат квалитетот на градскиот сообраќај – нагласува Петрески.

Тешка „була“ и тешки злоупотреби?

Според зборовите на Петрески, од финансиски аспект ЈП ПУП се наоѓа во многу лоша состојба. Завршната сметка за 2017 година покажала дека претпријатието има загуби од пет милиони денари, како и дополнителни обврски кон разни доверители во висина од 10 милиони денари. Видливи се и злоупотреби при набавките на резервни делови за автобусите, како и плаќањето разни услуги за потребите на јавното претпријатие.

Како што вели в.д. директорот Петрески, анализата на влезните фактури покажала дека набавката на резервни делови и услуги за потребите на ЈП ПУП се вршела по многу повисоки цени од реалните.

– За автобусите биле набавувани гуми по цена од 17.200 денари, иако истите тие во малопродажба можат да се купат за 13.000 денари. За поправка на автобусите само кон механичарската работилница „Егализирко“, ЈП ПУП должи 860.000 денари – вели Петрески.

ЈП ПУП има долг во висина од 2,2 милиони денари кон основачот, Општина Прилеп. За софтверот за електронска наплата на паркинг, кое претходното раководство го набавило по цена од 1,7 милион денари, допрва ќе се бара начин за негово плаќање.

На годишно ниво, ЈП ПУП од Општина Прилеп добива субвенции во висина од 10 милиони денари, од кои шест се за набавка на нафта за автобусите, а другите за исплата на плати на 86 вработени.

Објавено во „Слободен печат“

Прочитајте повеќе

Грковска: Прашањето за родовата еднаквост не е само прашање на жените, само преку општествен консензус ќе овозможиме еднакви можности за сите

За уривањето на стереотипите треба време и многу труд и затоа во текот на мојата …