Медиуми камери

Граѓаните повеќе веруваат во политички „грб“ и лажни вести отколку во институциите (инфографик)

Корумпираните медиуми се директна рута за странско штетно влијание во општеството, во кое расте поделбата поради социјалната нееднаквост, ниската доверба во институциите и политичкиот фаворитизам. Тоа е сублимирана оценка на четири анализи, студии и истражувања на НАТО Центарот за извонредност во стратегиските комуникации (Стратком), спроведени во период од една година во шесте земји на Западен Балкан. Македонија, по Албанија, е најмалку загрозена од странски влијанија во сферата на општествените односи, но Стратком го оценува како „критичен“ ризикот во подобластите „држава и праведно општество“ и „медиуми и граѓанско општество“.

Стабилноста на Албанија, Стратком ја објаснува со „силна внатрешна општествена кохезија, идентитет и стратегиска ориентација“. Релативно ниската оценка на ризик за општествен ризик од странски штетни влијанија во Македонија, пак, се објаснува со тоа што студијата и анкетите се правени релативно брзо по потпишувањето на Преспанскиот договор, кој „ја отклучи НАТО-интеграцијата на Македонија и за кој се оценува дека има клучна улога во отворање на вратата за преговори со ЕУ“.

Стратком оценува и дека, иако не на исто ниво како во Албанија, и во Македонија постои кохезија „кога се работи за западната ориентација на земјата, што го прави општеството отпорно на антизападни агенди и наративи“.

„Но, сепак, често корумпираните медиуми сè уште се канал за такви наративи. Области за најголема загриженост, со индекс од повеќе од 2,25, се политичкиот фаворитизам, социјалната нееднаквост и ниската доверба во јавните институции“, се оценува во анализа за ризикот за странски влијанија, каде оценката 1,5 е стабилна состојба со мал ризик, 2 е загрижувачка, а 2,25 е состојба во која се неопходни итни мерки.

Аналитичарите предупредуваат дека растечката поделба во општествата во земјите од Западен Балкан се одразува на сите сфери на животот, а „низ сензационалистички медиум се протураат наративите на раздор и самовиктимизација, што е можност која Русија широко ја користи“.

„Медиумите и понатаму се најдиректна рута за малигно влијание врз општествата, и токму тоа е област каде сите земји имаат оценка од 2 или повеќе. Таквата висока оценка за ранливоста во медиумскиот сектор овозможува непријателски актери да влијаат во регионот преку манипулирање со информации. Медиумите и граѓанското општество не успеваат правилно да ја предупредат широката јавност или да и помогнат да се справи со манипулациите“, се наведува во студија за странско влијание во медиумските наративи, во која во период од една година биле анализирани 7.193 медиумски прилози во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора.

Како критични проблеми во подобласта „држава и праведно општество“ се издвојуваат заклучоците: „многу луѓе веруваат дека јавните институции или јавните сервиси не работат за да им помогнат или не прават доволно за нив“ и „значаен дел од населението верува дека може да се успее само ако се има политичка поддршка или закрила“.

Во подобласта „медиуми и граѓанско општество“, пак, критични констатации се: „лажните или наведувачки политички и медиумски приказни често добиваат повеќе видливост отколку оние за нивно објаснување и разоткривање“, „новинарите и активистите често се етикетираат како странски шпиони, платеници или слуги на странски сили кои сакаат да ја дестабилизираат земјата“, „медиумите и граѓанското општество не успеваат во обидите да ја предупредат или подготват широката јавност да биде отпорна на медиумски манипулации“ и „националистички и антизападни погледи пласирани од нови или малку познати извори често стануваат вирални на социјалните мрежи“.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …