Неколку организации од грчката дијаспора му испратија писмо на шефот на дипломатијата, Никос Коѕиас, во кое го обвинуваат дека ги понижува Грците ширум светот и со кое бараат прекин на преговорите за името.

Во писмото се вели дека „е очигледно оти преговорите се во ќорсокак и дека нема ниту една причина за нивно продолжување“. Тие го обвинуваат Коѕиас дека веќе направил „неисториски отстапки“ со тоа што се согласил во името да стои и терминот Македонија.

Pismo

– Во овој момент треба да се прекинат преговорите и да престанете да го понижувате достоинството на Грците ширум светот со вашето инсистирање да им дадете името на Македонија на Словените во Скопје – се вели во писмото.

На 11 и 12 мај ќе има нова средба меѓу министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕиас во Сунион крај Атина на која ќе присуствува и медијаторот Метју Нимиц.

Како што се најавува од Скопје и од Атина, и ако не се случи ништо непланирано, на 17 мај во Софија ќе се одржи состанок од четири очи помеѓу македонскиот премиер Зоран Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас во рамките на Самитот ЕУ – Западен Балкан.

Извор: МЕТА