Грковска-Хрватин: Уставно загарантираната независност на правосудниот систем носи и одговорност за самите судии

Грковска-Хрватин: Уставно загарантираната независност на правосудниот систем носи и одговорност за самите судии

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше средба со експертот за правни прашања Бранко Хрватин, кој ќе го предводи експертскиот тим делегиран од Европската Унија што ќе спроведе оценска мисија на Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Хрватскиот врховен судија е во посета на нашата земја, со цел да направи воведни подготовки во пресрет на оценската мисија на ЕУ, што ќе се реализира во септември и која ќе ја испитува институционалната рамка на Судскиот совет и ќе предложи краткорочни и среднорочни мерки.

Вицепремиерката Грковска изрази благодарност за поддршката што нашата држава ја добива од Европската Унија, особено во делот на правосудниот систем, кој е клучна алка во справувањето со корупцијата и организираниот криминал. За жал, нагласи таа, сведоци сме дека Судскиот совет како една од најважните институции кој треба да гарантира независност, објективност, ефикасност и квалитет во правосудниот систем, го изгуби кредибилитетот и не може да одговори на задачите кои ги има пред себе.

Вицепремиерката Грковска истакна дека, и покрај сите процеси на унапредување на регулативата и јакнење на капацитетите, нема знаци на унапредување на интегритетот кај дел од судиите, кој е предуслов за отпорност на правосудниот систем од сите форми на влијание.

Правниот експерт Хрватин истакна дека оценката мисија во основа ќе биде поддршка за нашата земја во делот на детектирање на слабостите во правосудниот систем, во случајот на позиционираноста на Судскиот совет, што ќе биде добра основа за преземање на натамошни реформски чекори.

Вицепремиерката Грковска информираше дека во рамките на досегашните активности на нејзиниот Кабинет детектирани се одредени слабости, при што хрватскиот експерт Хрватин нагласи дека секој предлог кој се однесува на подобрување на состојбите во Судскиот совет, а кој произлегол од досегашното практично искуство ќе биде добредојден за анализата што треба да ја подготви експертскиот тим ангажиран од ЕУ.

Двајцата соговорници се согласија дека уставно загарантираната независност на правосудниот систем е тесно поврзана со одговорноста, која во овој случај е голема и директно поврзана со интересите на граѓаните.  Истовремено на состанокот беше заклучено дека транспарентноста е важен елемент во јакнењето на правосудниот систем, но и општеството воопшто.

Прочитајте повеќе

Владините лопати се фрлаат и на 40 степени

Владините лопати се фрлаат и на 40 степени

Топлото време и екстремно високите температури не беа пречка премиерот и повеќе владини и локлани …