Громогласниот молк на “комуњарите“

Громогласниот молк на “комуњарите“

Пишува: Зоран Милошески

Ако централната власт беше во рацете на ДПМНЕ, почетокот на изградбата на четирите автопатски делници, односно Коридорите 8 и 10д, ќе беше прогласен за државен празник.

Автобуси со партиски војници од сите села и градови во Македонија ќе се слеваа кон локациите на кои се поставуваа камен темелници. Телевизиите ќе имаа целодневна празнична програма со гости во студио и директен пренос од настанот. Партиските функционери од „најпатриотската партија“ од фрижидер ќе ни излегуваа. Социјалните мрежи ќе се вжештеа од фалоспеви и „Господ да им даде здравје“ на премиерот, министрите, секретарките, браќата и сестрите од Општинските комитети. Со денови и недели се’ ќе беше во знакот на историското достигнување и најголемата инвестиција во инфраструктурата во библиската Македонија ВечнаДаЕ.

Арно ама, се случи нешто друго. Всушност, ништо не се случи!

Настанот… кој патем речено беше сосема добро организиран… помина како што помина. Поканетите актуелни и поранешни фукционери коишто требаше да присуствуваат на настанот во Прилеп, присуствуваа. Оние кои требаше да зборуваат, зборуваа. Тие кои дојдоа за сликање, се сликаа.

Ама ретко кој, речиси никој, се осмели да напиши некој збор на социјалните мрежи и да објасни зошто е важно, зошто за прилепчани, битолчани, ресенчани… изградбата на автопатот е од животно значење!

На жителите од подалечните градови кои ретко или никогаш не патувале од Градско за Ресен, да им каже дека од Прилеп до Битола е најлошиот пат кој постои во милата ни татковина. Дека патната инфраструктура во Пелагонискиот регион е под секое ниво. Дека во изминатите години и децении десетици и десетици луѓе изгинаа по мизерните патишта. Дека економијата трпи заради очајната состојба на регионалните сообраќајници изградени во времето на Тито. Дека…

Постојат купишта аргументи кои треба и мора да се кажат за потребата, за неопходноста од изградба на автопат од Прилеп до Битола. Арно ама, огромниот дел од партиските функционери на Општинските организации на СДСМ од поширокиот регион… членови на Извршни и Надзорни одбори, претседатели на месни организации… генерално, носителите на функции од сите ешалони на локалната партиска хиерархија, останаа неми во својата комфорна зона.

Нивниот громогласен молк уште еднаш, по којзнае кој пат, ја распара тишината. Другарите и другарките „џентлменски“ им оставија простор и им дозволија на нивните политички противници да го бербатат проектот и да го минимизираат неговото значење и важност.

Ама, вината не е само нивна! Оние кои ги избрале и ги назначиле на партиските функции, кои се “тепале“ за нив да бидат таму каде што се сега, требало да им кажат дека освен привилегии, функциите носат и обврски. ОБВРСКИ!

На оние кои не се занимаваат со својата работа, ниту Таче од Скопје ќе им ја заврши работата, ниту ДПМНЕ доброволно и без борба ќе им ја препушти изборната победа. Другари и другарки, вака не ја тепаме мечката. Со вакво неработење, неодговорност, недисциплина и отсуство на чувство за припадност кон партијата, резултатот од двојните избори во 2024 година ич не е тешко да се претпостави!

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …