Поранешниот вицепремиер Артан Груби пред Основниот кривичен суд Скопје изјави дека не се чувствува виновен за делото што му се става на товар во случајот за наводни злоупотреби во АД „Државна лотарија“.
Покрај Груби, обвинет е и поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кому му се суди во отсуство. Во предметот се опфатени и Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.
На денешното рочиште сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Исклучок беше Перпарим Бајрами, кој е недостапен за органите на прогонот, како и Башким Авдиу, кој изјави дека не го разбира обвинението и побара тоа да му биде доставено на неговиот мајчин, албански јазик.
Пречекорени овластувања и предизвикана штета
Тие се товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според обвинението, во текот на 2023 и 2024 година, обвинетите ги пречекориле службените овластувања и ѝ нанеле штета на „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари.
Јавното обвинителство најави изведување на 231 материјален доказ, повеќе вештачења и сослушување на седум сведоци.
По барањето на обвинетиот Авдиу обвинението да му биде доставено на албански јазик за да може да се изјасни за вина, судењето ќе продолжи во петок.
Груби по 14 месеци бегство се појави пред суд
Артан Груби, по повеќе од 14 месеци бегство, во февруари годинава беше приведен на граничниот премин Блаце. По распитот во Обвинителството, наместо во притвор кој претходно му беше определен во отсуство, од безбедносни причини му беше изречена мерка куќен притвор.
Груби, поранешен прв вицепремиер и министер за политички систем од редовите на ДУИ, во декември 2024 година беше ставен на т.н. црна листа на САД поради наводна вмешаност во значителна корупција поврзана со предметот „Таргет“ на СЈО. По објавувањето на санкциите, Груби се повлече од јавниот живот, иако тврдеше дека пред семејството и пријателите е „чист како солза“.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место