Со одлуката, судијката Даниела Алексовска-Стојановска, покрај тоа што го ослободува Груевски, го одбива и предлогот на обвинителството за конфискација на зградата на партијата. Пресудата е неправосилна и странките имаат право на жалба пред повисоките судови
Судијката Даниела Алексовска-Стојановска од Основниот Кривичен суд Скопје изрече ослободителна пресуда за Никола Груевски во повтореното судење за предметот „Талир 2” за незаконската градба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје. Формално правно, на бегалецот од правдата, Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, чие дело во меѓувреме застаре, им се судеше за пречекорување на службени овластувања и противправно финансирање на изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Со одлуката, судијката го одбива и предлогот на обвинителството за конфискација на зградата на партијата. Пресудата е неправосилна и странките имаат право на жалба пред повисоките судови.
„Иако беа направени измени на обвинението промени во доказите и фактите изнесени пред судот немаше. Судот цени дека обвинителството не докажа надвор од разумно сомневање дека обвинетиот Никола Груевски сторил пречекорување на службената должност“, изјави судијката Алексовска-Стојановска. Според неа, Апелацискиот суд добро проценил дека измените на Кривичниот законик од 2023 година се во корист на обвинетите.
„Ваквата ослободителна пресуда е исклучиво резултат на донесување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик во 2023 година, а како директна последица на која што беше и укинувањето на првостепената пресуда во овој предмет, како што тоа го констатира Апелацискиот суд Скопје во второстепената одлука во овој предмет. Судот ќе истакне дека, и покрај тоа што оваа пресуда е сосема различна од претходно донесената во конкретниот предмет, сепак, анализата и оценката на доказите, утврдените факти и заклучоците изведени од страна на судот останаа непроменети“, вели судијката Алексовска-Стојановска.
Таа додава дека при истите докази врз основа на кои судот претходно утврдил дека е сторено кривично дело „искористување на службената положба и овластување“, не е докажано дека имало „пречекорување на овластувањата“ и „неизвршување на службената должност“.
При искажување на пресудата во судницата во кривичниот суд биле адвокатите на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Тимовски и Кристина Маневска, и претставничката на партијата, Љубица Николовска, која исто така е адвокатка.
Според одлуката на судот, судските трошоци за процесот ќе се платата од Буџетот.
Во април годинава, предметот „Талир 2“ го презема обвинителот Кристијан Смилевски од ОЈО Скопје, откако обвинителката Ленче Ристовска си поднесе оставка. Таа во своето писмо до медиумите рече дека повеќе не постојат услови за независно и принципиелно извршување на обвинителската должност. Таа потсети дека претходно Советот на јавни обвинители ја отфрлил нејзината претставка за напад врз нејзиниот интегритет и самостојност, а новиот државен јавен обвинител Ненад Савески донесе одлука за повлекување на овластувањата за застапување во клучни предмети во завршна фаза, вклучувајќи го и предметот „Талир 2“ против владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Сметам дека овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предмети кои таргетираат висока корупција и криминал. Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам, а тоа е обвинителство кое работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и го брани јавниот интерес доследно и без селекција. Бидејќи не гледам простор за работа, ниту во перспектива како би можела да делувам во согласност со моите принципи, денес поднесов оставка од функцијата јавен обвинител. Искрена благодарност на сите кои ја препознаа и поддржаа мојата посветеност и борба“, напиша Ристоска во соопштението до медиумите.
Во јануари 2024 година, пак, поради измените на Кривичниот законик во делот на кривичното дело злоупотреба на службена должност и овластувања, Апелацискиот суд ја укина првостепената пресуда за случајот „Талир 2“ и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд. Со измените на КЗ, застареност настапи за делото „злоупотреба на службената положба“ на поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, а гонењето продолжи за експремиерот Никола Груевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Кривичниот суд на 7 јуни 2022 година, објави првостепена пресуда според која поранешниот премиер во бегство Никола Груевски беше неправосилно осуден на шест години затвор, а поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски доби условна осуда. Груевски, пак, во 2018 избега во Будимпешта каде доби азил од владата на поранешниот премиер Виктор Орбан.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место