ГРУЈО ИЛИ ВМРО – ПРАШАЊЕ Е СЕГА?

Колумната не се препорачува за деца под 77 години

Неопходен е надзор на родител или старател

 

Промените во Македонија започнаа на 24. декември 2012 година, кога во оној „црн понеделник“ опозициските пратеници и новинарите беа исфрлени од највисокиот законодавен дом. Тој ден стана јасно дека владејачката врхушка нема намера да гради демократско општество, туку во корен да го сосече секој зрак на слободарско и слободоумно размислување. Снимките од собраниската сала кои го обиколија светот имаа јасна порака: овде, во ова парче земја, секој кој не се потчинува на правилата и волјата на братучедите ќе го проголта темнината!

Настаните од 27.април, пак, значеа дека злосторничкото здружување околу Никола Груевски го изгубило тлото под нозете, дека повеќе нема сила да го контролира сопствениот мегаломански порив за енормно богатење. Дека  процесот за уништување на државата аминуван и спроведен од Фамилијата зема силен замав и забрзано се движи кон своето финале.

Денес, еден месец подоцна, ситуацијата во државата е речиси стабилизирана. Или како што би рекол Хорхе, отстранети се пречките за нормализирање на состојбата. Меѓународната заедница го призна новиот претседател на Собранието, а со вчерашното присуство во Брисел во регистарот на премиери на држави запишано е името на Зоран Заев. Од изборот на новата Влада, нѐ делат часови…

Тогаш, што е тоа што го тера Грујо да се однесува нерезонски, да предава во употреба објекти, да врши надзор над тековни проекти, да ветува нови инвестиции и вработувања? Дали, кажано народски, забегал со паметот или само глуми лудило и недоветност?

За неговата психофизичка состојба оставам да се произнесат компетентни и стручни лица од областа на медицината. Однесувањето на екс-премиерот го гледам од аспект на испраќање пораки до различни целни групи.

Првата порака која Грујо ја испраќа е упатена до партиското членство на ДПМНЕ со намера да го охрабри и да му влее лажна надеж дека во државата, всушност, ништо не се сменило. Дека работите и натаму ги држи под контрола и дека е само прашање на денот кога тој повторно и формално ќе застане на чело на државата. Втората порака им ја упатува на потенцијалните наследници на лидерската позиција во партијата: им дава до знаење дека нема намера да се повлече од претседателската функција и дека секој оној кој ќе се осмели само да помисли дека може да го заземе неговото место, ќе се соочи со предизвикот да ги повика антитерористичките единици за отстранување на бомби од неговата, или од куќата на неговите родители.

Конечно, како и сите диктатори, третата порака си ја упатува сам себеси: се обидува да ја врати тешко разнишаната самодоверба, се мотивира и храбри дека сѐ додека ја има партијата во свои раце, ќе има шанси да остане колку-толку заштитен од “канџите“ на СЈО и, ако е воопшто можно, да ја искористи партијата како пазар за сопствената кожа. Тоа е единственото нешто кое во моментов му е важно и кое не му дава мир.

Она за кое Грујо е совршено свесен, е дека борбата за превласт, односно за освојување на партиското претседателско столче допрва ќе се разгорува и ќе добива на интензитет. Не само постоечката функционерска гарнитура на ДПМНЕ, туку амбиции да ја преземат партијата имаат повеќемина идеолошки вмровци кои во моментов се наоѓаат надвор од телата и органите на партијата. Не е тешко да се претпостави дека лидерите на скоро сите “десни“ партии кои настанале со отцепувањето од “мајката“ ВМРО-ДПМНЕ се надеваат на такво нешто. Затоа разгорувањето на фракционерските битки, поделбата на кланови “про“ и “контра“ актуелниот лидер, влегувањето во игра на “тешкаши“ кои не се дел од актуелната структура, стегањето на обрачот наречен СЈО кое за скоро може да прерасне во ЈО комбинирано со специјално судско одделение, се претешко бреме кое нејаките плеќи на Никола Груевски не ќе можат да го издржат.

Досегашната “бетон“ партиска структура ќе се распадне како кула од карти истиот момент кога на разумните поранешни и актуелни партиски функционери ќе им стане јасно дека чедото на мајка Нада е тежок товар од кој ДПМНЕ мора да се ослободи. Дека колку побргу го направат тоа, толку се поголеми шансите за побезболно и побрзо отстранување на криминогениот имиџ кој злосторничкото здружување ѝ го наметна на партијата. Нејзиното прераснување во современ демохристијански политички субјект е неопходност која сегашната партиска номенклатура не може да го изведе. Или трансформацијата ќе ја направи некое скорешно ново раководство, или ваква каква што е, ВМРО-ДПМНЕ ќе исчезне од политичката сцена.

Автор:

Чеге Вара                                Прилеп, ебаго!…….(151)                  

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …