Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан, придружувани од членови на делегациите на Владата на РМ и на Директоратот за соседска политика и проширување на Европската Комисија денеска имаа средба на која се разговараше за актуелните прашања поврзани со стартот на скрининг процесот за нашата земја кој ќе започне идната недела.
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан, потоа одржаа заедничка прес конференција.
Обраќањето на конференцијата за медиумите на премиерот Заев ви го пренесуваме во целост:
Почитуван еврокомесар за еврокомесар за соседска политика и проширување Јоханес Хан,
Почитувани претставници на медиумите,
Секоја средба со лидерите на Европската Унија во оваа фаза на нашиот пат кон членство во Унијата е огромна придобивка и поддршка.
Круна на нашиот напредок ќе биде почетокот на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година. На 27 септември ќе го започнеме скринингот кој е вовед во преговорите. Веќе правиме важни реформи, а до јуни 2019 ќе покажеме двојно повеќе конкретни реформски чекори во клучните области владеење на право и борба против корупцијата, реформи во јавната администрација и реформи во разузнавачките служби.
Пријателската поддршка во оваа фаза на овој процес е исклучително добредојдена бидејќи ни помага да се подобриме, да станеме подготвени за финалната фаза од преговорите за членство, кога ќе можеме поглавјата од европските правила и стандарди да ги затвораме едно по едно, со успех и со мотивација да ја поминеме линијата на целта колку што може побргу.
Во таа насока, Република Македонија и нејзините граѓани високо ја ценат поддршката на ЕУ за напредување на нашата држава, за спроведување на неопходните реформи и за спроведување на Договорот со Грција.
Уште еднаш нагласуваме дека и денешната посета на големиот пријател на Македонија, комесарот за добрососедска политика и проширување Јоханес Хан го потврдува тоа.
Јас имам само зборови со пофалби за кампањата на Европската Унија „Замисли иднина заедно“ која на практичен начин ги потсети граѓаните за нераскинливите врски на Македонија со ЕУ.
Граѓаните на Република Македонија никогаш не се чувствувале поблиски и подобредојдени во Европската Унија отколку сега.
Тоа посебно чувство се издвои со својот интензитет со дадената можност да говорам во Европскиот Парламент, на својот мајчин, македонски јазик, како круна на заложбите на нашите искрени пријатели Доналд Туск, Жан Клод Јункер, Федерика Могерини, и, се разбира, господинот Хан, кои создадоа услови нашата земја да биде препознаена како една од следните која треба да си го заземе местото во семејството на Европската Унија.
Сепак, најкрупниот чекор и најважната одлука до почетокот на преговорите со ЕУ ќе ја направат граѓаните на Република Македонија на 30 септември.
На крајот, дозволете ми уште еднаш да ја изразам мојата, благодарноста на Владата, како и благодарноста на граѓаните на нашата земја до комесарот Хан, како и до целиот негов тим за сите совети, за целата асистенција и поддршка за Република Македонија и за нејзините граѓани.