Хан не дава гаранција, но е уверен: Во октомври датум за Северна Македонија

Хан не дава гаранција, но е уверен: Во октомври датум за Северна Македонија

Поради краткиот период и важноста на прашањето , Советот на Европа најдоцна до октомври поворно ќе се наврати на прашањето за давање на датум за отпочнување на преговорите со Северна Македонија и со Албанија. Ова е  заклучок во Луксембург на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ кои што дебатираа за прашањето за проширување на ЕУ. Еврокомесарот Јоханес Хан,кажа дека неможе да дава  гаранција дека Македонија ќе добие датум наесен, но сепак е уверен дека тоа ќе се случи.

-Не можам да дадам никаква гаранција, но внимателно ги слушав земјите-членки и нивните ставови кои имаа многу оценки за Северна Македонија. Уверен сум и треба да кажам дека беше искрен ставот на германскиот министер Михаел Рот кој рече дека имаат институционален проблем, бидејќи германскиот Бундестаг немал време да одлучува по ова прашање. Треба да ги почитуваме демократските институции, бидејќи за ова работиме, да ги развиеме демократските институции во земјите – партнери, па затоа треба да почитуваме кога некоја од земјите – членки има вакви институционални прашања. Јас само сум уверен дека ќе добијат датум во октомври-вели Хан.

Хан додаде дека не би било праведно доколку се подели пакетот за проширување, од кое дел се Македонија и Албанија. Според него и двете земји ги исполните задачите кои им биле побарани, поради што заслужуваат старт на преговорите. Ист став има и германскиот министер за Европа, Михаел Рот. Како Северна Македонија, така и Албанија ги завршија домашните задачи кои минатата година им ги зададе ЕУ, вели Рот, додавајќи дека проширување е важно за безбедноста, стабилноста и мирот на целата унија.

-Северна Македонија направи историја со Преспанскиот договор со кој даде пример за храброст и волја за помирување. Се реши скоро 30-годишен конфликт и тоа треба да се земе предвид. Европската унија не треба да го изгуби својот кредибилитет. Нашата цел е да се договориме за отпочнување на пристапните преговори. Тие ќе бидат долги и тешки, но станува збор за веродостојност и стабилизација на демократијата, слободата на говорот и владеењето на правото во овие држави. Без ЕУ, ова не би функционирало.-рече Рот.

Рот негира дека Германија се претвора во пречка на Северна Македонија за добивање датум за старт на преговорите, а одложувањето на одлуката за наесен ја оправда со задоцнетото објавување на Извештајот за напредок и потребата Бундестагот да го разгледа истиот.

Како што вели тој, на Бундестагот ќе мора да му се даде потребното време. Сепак, се надева дека најдоцна во октомври, ќе има позитивна одлука. Неговиот колега од Италија пак, Ензо Моаверо, рече дека неколку прашања „закочиле“ во германскиот Бундестаг.

-Денеска треба да ја финализираме законската рамка за преговори за проширување. Отворените прашања главно се поврзуваат со гласањето во германскиот Бундестаг, кој е одложен по летото и за да се напредува кога станува збор за проширување, со Албанија и Северна Македонија за отворање на преговорите-вели Моаверо.

Инаку, состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ му претходи на заседавањето на Европскиот Совет што ќе се одржи на 20 и 21 јуни, а на кое се очекува да бидат донесени и конечни одлуки.

Извор: ТВ21

Прочитајте повеќе

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Нафтените деривати од вечерва со нови цени, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги …