Хаос со службените возила во РСМ: Недоследности, недостаток на транспарентност и нови дилеми

Хаос со службените возила во РСМ: Недоследности, недостаток на транспарентност и нови дилеми

Илјадници возила, некои многу стари, значителен дел надвор од употреба, и други чија состојба не е позната. Накратко, вакви се околу седум илјади службени возила на јавните институции во Северна Македонија што ги анализираше Порталб.мк. 

Податоците отвораат прашања за ефикасноста, јавната потрошувачка и управувањето со државниот имот.

Со какви возила располагаат јавните институции? 

Според базата на податоци  на Државната комисија за спречување на корупција, во која фигурираат 6659 службени возила, над 15% или 1009 возила не се во возна состојба, а за 179 возила не се знае во каква состојба се. Трите најстари возила се стари 58 години и се произведени во 1967 година, според податоците тие се уште се во возна состојба, два Мерцедеси и еден ФАП.

21 возило се од 2025 година и се од различни модели како Шкода, Форд, Опел и други. Најкористената марка на возила од страна на државните институции останува „Пежо“, со 532 возила.

Според податоците од регистарот за годината на производство на службените возила, просечната година на производство е 2009 година.

Институцијата со најголем број на возила е Министерството за внатрешни работи, со 693 возила.

Меѓутоа, бројот на службени возила е поголем, бидејќи не сите институции или возила се опфатени со овој регистар.

На пример, во последните две недели Порталб.мк  во сообраќајот забележа две моторни возила со службени црвени регистарски таблички, кои не беа во регистарот, едното припаѓаше на Банката за развој, а другото моторно возило го управуваше вработен во Министерството за европски прашања.

Од друга страна, постојат и возила со статус на класифицирани информации, па затоа за нив нема податоци.

Нетранспарентни институции

Многу институции не доставиле податоци за службените возила до Државната комисија за спречување на корупција пред локалните избори, како што налага Изборниот законик. Вкупно 1.514 институции беа обврзани да достават податоци, но податоци доставиле само 635 институции, или 42%, додека пак 879 институции, или 58%, воопшто не доставиле податоци. Од ДКСК за Порталб.мк  потврдија дека ситуацијата останува иста.

Но, сè уште нема точна бројка за вкупниот број на службени возила, бидејќи и Министерството за внатрешни работи располага со такви податоци и тие не се усогласени со податоците на ДКСК.

Какви дилеми отвараат податоците од регистарот?

Скоро едно од секои шест возила е или расипано, или нема податоци, или е заборавено во некое ќоше во некој паркинг. Многу возила на државните институции се застарени и ова отвора други прашања како тоа колку чести и скапи се поправките, колку се ефикасни во потрошувачката на гориво и
колку нивното одржување ги чини даночните обврзници.

Со оглед на тоа што во некои институции доминира само една марка возила, дилемата што се поставува е дали се прават соодветни анализи на трошоците и перформансите и дали се споредуваат различни реални понуди при набавката.

На листата има три „олдтајмери“ од 1967 година, што го отвара прашањето за тоа дали овие возила навистина се користат и дали трошоците за нивно одржување се исплатливи.

Покрај старите возила некои институции инвестирале во купување возила и модели од последните години. Сепак, во пракса ова повеќе личи на делумно решение отколку на јасна стратегија за премин кон понова, поекономична и позелена флота (хибриди, електрични, повисоки евро стандарди).

Ова го отвара прашањето дали земјата има консолидиран план за тоа колку моторни возила ќе бидат отстранети од употреба, колку и какви видови на возила ќе се заменат и колку од нив ќе бидат поеколошки.

Во врска со овие прашања Порталб.мк  разговараше со Владата на Северна Македонија, која разјасни дел од овие прашања, кои можете да ги прочитате во следното продолжение.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Филипче: Сѐ што најавивме се оствари, дупка од две милијарди евра, анти-ЕУ кампања за изолација

Филипче: Сѐ што најавивме се оствари, дупка од две милијарди евра, анти-ЕУ кампања за изолација

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција по завршувањето на лидерската средба рече дека …