Хашим Тачи осуден на 25 години затвор за воени злосторства

Хашим Тачи осуден на 25 години затвор за воени злосторства

Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, кој во средата беше осуден на 25 години затвор за воени злосторства, со години во Косово беше сметан за херој на герилското движење и симбол на крвавата борба за независност.

Специјализираниот суд во Хаг го прогласи Тачи за виновен за воени злосторства извршени од припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), меѓу кои убиства, произволни апсења и притворања, сурово постапување и тортура.

Тачи, денес 58-годишен, беше еден од водачите на ОВК за време на војната меѓу Косово и Србија во периодот 1998-1999 година. Подоцна повеќе од седум години ја извршуваше функцијата премиер на Косово, а неговата популарност дополнително порасна откако во 2008 година помогна во прогласувањето на косовската независност.

Сепак, неговиот углед беше нарушен по извештајот на Советот на Европа од 2010 година, во кој беа изнесени обвинувања за поврзаност со организиран криминал и за сериозни злоупотреби извршени за време и непосредно по војната.

Критичарите го обвинуваа и него и неговата партија за корупција и за концентрирање на моќта во кругот на политички сојузници.

Но токму обвинувањата поврзани со воени злосторства доведоа до ненадеен крај на неговиот претседателски мандат и негово притворање во Хаг.

Тачи беше обвинет во 2020 година за воени злосторства и злосторства против човештвото. Обвинителството тврдеше дека сноси одговорност за убиства, тортура, незаконско притворање и присилни исчезнувања за време и по конфликтот.

„Ова не се лесни моменти за мене и моето семејство, ниту за сите што ме поддржуваа и веруваа во мене во изминатите три децении од нашата борба за слобода, независност и градење на државата“, изјави Тачи во 2020 година, кога ја соопшти својата оставка и одлуката доброволно да му се предаде на судот.

Многумина во средата во живо ја следеа пресудата на голем екран поставен на плоштад во Приштина, каде што со денови наназад одбројуваше часовник до објавувањето на одлуката.

Само неколку дена претходно, во саботата, десетици илјади луѓе учествуваа на собир во Приштина барајќи ослободителна пресуда за Тачи и за другите поранешни команданти на ОВК.

Од студентски активист до командант на ОВК

Хашим Тачи е роден во 1968 година во областа Дреница во западно Косово, регион што долго време важеше за центар на отпорот на етничките Албанци против српската власт.

Како студент во текот на 1990-тите години се вклучи во движењето за ненасилен отпор против власта во Белград.

Додека студирал историја во Швајцарија, каде што живее бројна албанска дијаспора, сè повеќе се разочарувал од политиката на мирен отпор што ја застапуваше покојниот косовски претседател Ибрахим Ругова.

По враќањето во Косово го добил герилското име „Змија“ и помогнал во создавањето на ОВК, илегална вооружена организација која се бореше за независност од Србија и од режимот на тогашниот српски лидер Слободан Милошевиќ.

Во конфликтот загинаа околу 13.000 луѓе, главно етнички Албанци. Војната заврши во 1999 година по интервенцијата на НАТО, по која српските сили се повлекоа од Косово.

Подоцна меѓународните судови осудија повеќе високи припадници на српската војска и полиција за злосторства извршени за време на конфликтот.

Како што Косово продолжуваше да се движи кон државност, Тачи стана една од неговите најистакнати политички фигури.

За време на една посета на Белата куќа, тогашниот потпретседател на САД, Џо Бајден, го нарече Тачи „Џорџ Вашингтон на Косово“.

Од прогласувањето на независноста до судницата во Хаг

По смртта на Ибрахим Ругова, кој често се смета за татко на косовската нација, Тачи стана премиер по изборите во 2007 година.

Само три месеци подоцна, тој во косовскиот парламент ја прочита Декларацијата за независност, со која Косово еднострано се отцепи од Србија, потег што Белград и денес не го признава.

И покрај обвинувањата за корупција, Тачи остана во центарот на политичкиот живот и во 2016 година беше избран за претседател на Косово.

Тој постојано ги отфрлаше сите обвиненија за злоупотреби за време на војната, тврдејќи дека станувало збор за „праведна“ борба против српската репресија.

„Можеби сум направил политички грешки во мирновременски услови, но воени злосторства никогаш“, изјави Тачи во 2020 година.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Парламентот на Косово ја избра Јустина Широка Пула за претседател

Парламентот на Косово ја избра Јустина Широка Пула за претседател

Парламентот на Косово ја избра економистката Јустина Широка Пула за претседател на земјата – функција …