ХЕРА со остра реакција: Цензурирано сексуалното образование во училиштата

ХЕРА со остра реакција: Цензурирано сексуалното образование во училиштата

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА, излезе со остра реакција по повод неодамнешните измени во програмата за сеопфатно сексуално образование.

Програмата, која сега е преименувана во „Здравје и заштита на здравјето“, според ХЕРА, претрпела сериозна цензура со која се отстранети или разводнети клучни содржини поврзани со родовата еднаквост, контрацепцијата и сексуалното и репродуктивното здравје.

Според ХЕРА, ова не претставува само обична промена на зборови во наставната програма, туку одлука која директно го загрозува знаењето, здравјето и безбедноста на младите. „Кога од образованието се отстрануваат научни поими и се ослабуваат содржините за превенција, децата не стануваат позаштитени. Напротив, им се одзема можноста навреме да научат како да препознаат насилство, да постават лични граници, да се заштитат од несакана бременост и сексуално преносливи инфекции“, истакнуваат од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА во своето соопштение.

Организацијата предупредува дека бришењето на овие термини нема да ги отстрани ризиците со кои младите се соочуваат во реалноста. Младите кои имаат прашања за сопственото здравје сега се оставени одговорите да ги бараат на интернет, каде што се изложени на дезинформации и непроверени совети. ХЕРА изразува посебна загриженост поради фактот што овие промени доаѓаат по јавните притисоци од верски и конзервативни кругови, потсетувајќи дека во секуларна држава, верските убедувања не смеат да ја диктираат содржината на јавното образование.

Статистиката за состојбата во Северна Македонија е алармантна. Дури 10 отсто од децата на возраст од 12 до 17 години (речиси 12.000 деца) биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба преку технологија во период од само една година. Во исто време, податоците покажуваат дека во 2024 година се родени 588 деца од мајки на возраст од 15 до 19 години, а неодамна беа регистрирани и 11 нови случаи на ХИВ во само еден месец.

ХЕРА бара од Министерството за образование и наука и од Бирото за развој на образованието итно преиспитување на ревидираната програма, транспарентно објаснување за тоа кој ги иницирал промените и гаранција дека идните наставни планови ќе се креираат врз основа на научни докази и педагошка експертиза, а не под идеолошки притисок.

Прочитајте повеќе анализи и критички осврти во рубриката „Анализа“ на Публикум.

Прочитајте повеќе

Рекордни 356 милиони евра за општински тендери: Десет фирми го делат колачот

Рекордни 356 милиони евра за општински тендери: Десет фирми го делат колачот

Општините во државата и Градот Скопје во 2025 година, годината на локалните избори, склучиле вкупно …