Работата уште еднаш заврши добро. Но, ако не беше така, последиците ќе беа речиси несогледливи: Дрон опремен со експлозив и механизам за активирање беше откриен и деактивиран вечерта на 4 август во безбедносната зона на аеродромот во Лајпциг, меѓу украински товарни авиони. Аеродромот претставува центар за воената помош за Украина.
Германската влада долго се двоумеше јавно да ја обвини Русија за тоа. Сега сепак го направи тоа. Користени биле средства кои се познати од други руски хибридни операции, како конфигурацијата на дронот, различни компоненти, експлозивот и техниката за активирање, изјави во вторникот (1 септември) германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт. Подготовката на нападот се одликувала со „високо ниво на техничка експертиза и значителен организациски напор“.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц уште кон крајот на август за инцидентот изјави: „Сојузната влада им наметнува цена на извршителите на хибридни напади. Тие ќе платат за тоа.“ Тогаш не ја спомена Русија. А ниту сега самиот Мерц не зазеде јавен став по ова прашање.

Цената за Русија е релативно мала: Рускиот дом во Берлин ќе биде затворен. Културниот институт е под сомнение дека служи како прикритие за шпионски цели. Исто така ќе биде затворен и рускиот генерален конзулат во Бон. Влезот на руски државјани ќе биде дополнително ограничен. Германија најави и построги мерки против руската „флота во сенка“. Како точно и кога ќе се спроведат тие мерки, засега не е јасно.
Медведев бара удар врз германските фабрики за оружје
За Зелените во германскиот Бундестаг ова не е доволно. „Анализата на Владата дојде малку предоцна, а мерките ми изгледаат преслаби“, изјави Сара Нани, портпаролка за безбедносна политика на Зелените, во разговор за ДВ. „Не верувам дека некој во Москва сега се плаши или се преиспитува.“ Германија, според неа, уште сега треба поостро да настапи против руската флота во сенка. Така би требало да се „запре приливот на пари кон руската воена машинерија“.
Незадоволен е и политичарот на ЦДУ задолжен за безбедносни прашања Родерих Кизеветер. Во весникот „Ханделсблат“ тој побара испорака на крстосувачки ракети „Таурус“ за Украина, како и активирање на членот 4 од договорот на НАТО, кој предвидува консултации меѓу сојузниците во случај на надворешна закана. Тој ја повика германската влада да го напушти „политички удобниот пат на смирување“.

Остриот одговор каков што го бара Кизеветер би можел да го зголеми ризикот од воена конфронтација со Русија, која категорично негира дека стои зад инцидентот во Лајпциг. Претседателот Владимир Путин германските казнени мерки ги нарече „тешка грешка“ и зборуваше за фалсификување докази. Министерството за надворешни работи во Москва најави неодредени контрамерки. Руското Министерство за надворешни работи го повика вршителот на должноста амбасадор во германската амбасада во Москва за да изрази протест против санкциите на Берлин. Министерството соопшти дека тоа е направено поради „антируските дејствија и изјави“ на германското раководство.
Подалеку отиде Дмитри Медведев, заменик-шеф на рускиот Совет за национална безбедност. На Телеграм, Медведев, познат по својата остра реторика, ѝ се закани на Германија: „Тие заслужуваат директен удар врз сите германски производствени капацитети за воена техника“ кои работат за Украина, како и „сосема сигурно врз некои други места во Берлин“.
Министерот за надворешни работи Вадефул ја гледа Германија како воена цел
Постојано, а особено сега, се поставува прашањето дали Германија веќе е во војна со Русија. Германската влада дава јасен негативен одговор: „Не сме во војна, но секојдневно сме цел на хибридно војување“, изјави Добринт во вторникот откако ја обвини Русија за неуспешниот напад. Министерот за надворешни работи Јохан Вадефул во информативната емисија „Тагесшау“ изјави дека Германија не е во војна, но е руска „воена цел“.
Уште пред една година, во септември 2025 година, канцеларот Фридрих Мерц, без директно да ја спомне Русија, рече: „Не сме во војна, но веќе не сме ниту во мир.“ Повод беа сѐ почестите напади врз компјутерски мрежи, критична инфраструктура и други хибридни закани.

Експертот за безбедност Зенке Мараренс од Универзитетот во Кил дава понијансиран одговор. За ДВ тој вели: „Не, Германија во моментов не е во војна. Се соочуваме со хибридни активности од други држави, но не сме во војна.“ Во западните земји прашањето за војна е силно правно регулирано. Во Германија, според Уставот, Бундестагот мора да утврди дека земјата е во војна, а тоа важи само по физички напад. „Во моментов ништо не ја исполнува таа дефиниција.“
Сепак, Сара Нани стравува дека Русија ќе продолжи со ескалација. Во интервју за ДВ таа изјави: „Сѐ уште не сме во војна со Русија, но Русија изгледа подготвува војна не само против Украина, туку и против цела Европа.“ Таа го нарече инцидентот во Лајпциг „обид за терористички чин“.
Многу можности под прагот на физички напад
Строго правно гледано, Германија во никој случај не е во војна со Русија. Нема објава на војна, ниту признат вооружен конфликт. Не е активиран ниту членот 5 на НАТО за колективна одбрана, па дури не се ниту свикани консултации според членот 4, кои претходат на евентуално прогласување на сојузнички случај.
Поинаква е ситуацијата кога станува збор за недоволно дефинираната хибридна војна. Многу безбедносни експерти сметаат дека Русија веќе води таква хибридна војна против западните држави. Станува збор за напади врз инфраструктура, сајбер-напади, дезинформации и класична шпионажа. Фондацијата „Конрад Аденауер“ по инцидентот во Лајпциг експлицитно зборува за руска хибридна војна против Германија.
Но, границите меѓу хибридните напади и отворениот воен чин се нејасни.
Зенке Мараренс смета дека Русија со акции како онаа во Лајпциг многу целно ги следи своите стратешки интереси во Германија, вториот најважен поддржувач на Украина по САД. Доколку нападот на аеродромот бил успешен, тоа ќе ја олеснело состојбата на руската фронтовска линија, вели Мараренс. Освен тоа: „Ако Русија успее да го убеди германското население да не ги поддржува овие политички одлуки (за поддршка на Украина), тоа директно го намалува притисокот на фронтот.“
Факторот АфД и изборите во Саксонија-Анхалт
Токму сега овој последен аспект е особено важен: Следната недела се одржуваат покраински избори во Саксонија-Анхалт. Тие се сметаат за најважните избори во Германија во последните децении. Прашањето е дали АфД, која таму е класифицирана од службите за заштита на уставниот поредок како десноекстремистичка партија, ќе освои апсолутно мнозинство и за првпат ќе управува со една германска покраина.
АфД е против понатамошната воена поддршка за Украина и би сакала нормализација на односите со Русија. Со тоа се надоврзува на широко распространетото расположение во источна Германија, според кое војната во Украина не ја засега Германија и дека во Украина веќе се вложени премногу средства.

Сара Нани во ова гледа и целна руска кампања за ширење страв и ја нарекува „психолошко војување“.
Затоа германската влада составена од ЦДУ/ЦСУ и СПД внимателно ќе размисли дали да ја заостри реториката и со тоа можеби да ѝ помогне на АфД да освои апсолутно мнозинство во Саксонија-Анхалт. Од друга страна, тешко може да си дозволи да ја обвини Русија за Лајпциг, а да одговори само со релативно благи мерки.
Токму оваа дилема можеби е причината поради која канцеларот Фридрих Мерц досега лично не ја обвини Русија за случувањата во Лајпциг.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место