Бројот на загинати во катастрофалното цунами во Индонезија се искачи на 281 лице. Преку 1000 луѓе се повредени, соопшти денеска Службата за заштита од катастрофи во Џакарта.

Куќи, автомобили, дрва- сето е уништено и распарчено. Оваа #ФотографијаНаденот отсликува само дел од хоророт што ненајавено им се случи на жителите на индонезиските острови Јава и Суматра во саботата вечерта по локално време. Фотографијата е направена во местото  Бантен кое беше најтешко погодено од цунамито кое следуваше по ерупцијата на еден од најопасните вулкани во светот- Анак Кракатау. Бантен се наоѓа  во регионот Пандегланг на островот Јава, кој меѓу другото го опфаќа националниот парк Ујанг Кулон и бројни популарни плажи.

Индонезиската агенција за заштита од катастрофи утрината јави за нов биланс на жртвите од катастрофата: 281 загинати, и најмалку 1000 повредени.

„Бројот на жртвите би можел да расте“, изјави неименуван портпарол на агенцијата и додаде дека  спасувачките екипи вложуваат огромни напори за спасување и пронаоѓање на уште најмалку 57 лица кои се водат како исчезнати.

Извор: DW