Вакцина ковид ХПВ

Нема докази дека ХПВ вакцината влијае врз плодноста кај девојчињата и момчињата

Авторите на една неодамнешна студија која истражуваше 200.000 млади жени кои примиле различни адолесцентни вакцини, вклучително и ХПВ вакцина, не открија корелација помеѓу вакцинацијата против ХПВ и зголемениот ризик од примарна оваријална инсуфициенција

Вакцината штитити од ХПВ инфекција која влијае на репродуктивното здравје, односно на плодноста и кај мажите и кај жените. Особено кај мажите, ХПВ негативно влијае на различни параметри на спермата, вклучувајќи ја и подвижноста. Вирусот, исто така, може да ја зголеми смртта на трофобластните клетки и да ја намали имплантацијата на трофобластните клетки во матката. Овие фактори потенцијално може да го зголемат ризикот од спонтан абортус, предвремено кинење на мембраната или спонтано предвремено породување, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално:

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека деветовалентната вакцина против ХПВ, која се аплицира кај девојчиња и момчиња, е за депопулација, односно таа придонесува за намалување на плодноста.

VAKCINACIJA ZA DEPOPULACIJA SATANISTITE NAPAĞAAT BEZMILOSNO. VAKSER PEDERITE VO BELI MANTILI VODAT GRIŽA I ZA MAŠKATA BREMENOST, стои во објавата која ја анализираме.
Објавата споделува фотографија од гостувањето на проф. д-р Горан Димитров – гинеколог акушер, претседател на македонското здружение за ХПВ и претседател на јужно-источноевропскиот форум за ХПВ во Телма амбуланта на 23.04.2024 година. Во емисијата која е достапна на Јутјуб, д-р Димитров говори за предностите на деветовалентната ХПВ вакцина, нагасувајќи дека со неа треба да се вакцинираат и девојчињата и момчињата. Притоа, тој посочува дека бројни студии покажале дека нус појавите од вакцината се минорни, како, на пример, болка на местото на вакцината и дека во светот не е забележан ниту еден смртен случај од оваа вакцина.
Календарот за имунизација во Северна Македонија, како што објави Министерството за здравство во април, се осовремени со деветвалентна вакцина против ХПВ, а вакцината ќе биде достапна и за момчињата. Министерот за здравство, д-р Илир Демири, заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, националната координаторка за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова, специјалната претставничка на СЗО во земјава, Ане Јохансен, претставничката на УНИЦЕФ во С. Македонија, Патриција ДиЏовани и претставникот од УНФПА, на 15 април 2024 година одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за осовременување на календарот за имунизација со деветвалентна вакцина против ХПВ. Демири потенцираше дека покрај преминувањето од четиривалентна на деветвалентна, ХПВ вакцината ќе биде достапна и за момчињата.

Што се однесува до тврдењата во објавата дека вакцината против ХПВ служи за депопулација, односно за намалување на плодноста, истите не се поткрепени со никакви докази и факти, туку се истресени од ракав. Наспроти тоа, бројни истражувања покажуваат дека деветовалентната вакцина против ХПВ е ефикасна, дека не е штетна и истата нема никакво влијание врз плодноста.

По првичното одобрување на вакцината за ХПВ во 2006 година од страна на ФДА, постоеше загриженост во јавноста во врска со безбедноста на вакцината со посебен фокус на тоа дали може да предизвика примарна оваријална инсуфициенција или предвремена менопауза.

Авторите на една неодамнешна студија која истражуваше 200.000 млади жени кои примиле различни адолесцентни вакцини, вклучително и ХПВ вакцина, не открија корелација помеѓу вакцинацијата против ХПВ и зголемениот ризик од примарна оваријална инсуфициенција, пишува Њуз медикал во својата анализа за поврзаноста меѓу ХПВ вакцинацијата и плодноста.

Истражувачите пресметале дека меѓу 58.871 млада жена кои примиле ХПВ вакцина, само една жена покажала симптоми на примарна оваријална инсуфициенција, што сугерира дека ХПВ вакцината најверојатно нема да влијае на плодноста кај младите жени, наведува Њуз медикал во својата анализа.

Студијата од 2017 година, објавена во списанието Педијатриска и перинатална епидемиологија, покажа мала севкупна поврзаност помеѓу вакцинацијата против ХПВ и шансите за зачнување за мажи и жени – освен кај жени со историја на сексуално преносливи инфекции (СПИ).

СПИ се поврзани со пониска плодност, но вакцинираните жени со историја на СПИ имале приближно исти шанси да забременат како невакцинираните жени кои никогаш немале СПИ.

Нашата студија не откри негативни ефекти на ХПВ вакцинацијата врз плодноста и укажа дека таа, всушност, може да ја заштити плодноста кај поединци кои имале други СПИ. Нашата студија треба да ги увери оние кои се двоумат да вакцинираат поради загриженоста за плодноста, изјави Кетрин Мекинерни, докторанд на BUSPH и главен автор на студијата.

Истражувачите од Каролинска институтот во Шведска и нивните дански колеги ги следеле девојчињата вакцинирани со ХПВ преку регистрите на податоци за пациентите со цел да ја испитаат инциденцата на широк спектар на болести и на тој начин да утврдат дали има некои сериозни негативни ефекти од вакцината.

Нивните резултати не покажаа значително зголемување на испитуваните болести кај вакцинираните девојчиња во однос на нивните невакцинирани врсници, пишува Њуз медикал. Студијата од 2013 година, објавена во BMJ, опфати речиси милион девојчиња од Шведска и Данска родени помеѓу 1988 и 2000 година и спореди приближно 300.000 девојчиња кои биле вакцинирани против ХПВ со 700.000 кои не биле вакцинирани.

Можевте да ја видите нашата студија како дел од општествен алармен систем и како таков не предупреди за какви било знаци дека вакцинацијата против ХПВ носи ризик од сериозни несакани настаниизјави Д-р Лисен Арнхајм-Далстром, вонреден професор на институт Каролинска.

Во моментов нема сигурни докази кои ги поврзуваат сегашните или претходните вакцини за ХПВ со проблеми поврзани со плодноста.

Со повеќе од 12 години следење и истражување на безбедноста на ХПВ вакцините од Соединетите Држави и други земји, имаме силни податоци кои покажуваат дека вакцините за ХПВ се безбедни. Во однос на загриженоста за вакцинацијата против ХПВ и плодноста кај жените, ЦДЦ и ФДА не нашле убедлив доказ дека ХПВ вакцините предизвикуваат примарна оваријална инсуфициенција (ПОИ).  Студијата од 2018 година од ЦДЦ за безбедност на вакцини, која опфати речиси 200.000 жени, не откри зголемен ризик од ПОИ по вакцинацијата против ХПВвели Френк Детефано, директор на канцеларијата за безбедност на имунизација на ЦДЦ, пренесе Њуз медикал.

Што се однесува до вториот дел од објавата која ја анализираме а во која се вели: „ваксер пе***ите во бели мантили водат грижа и за машката бременост“, важно е да се напомене дека целта на вакцинацијата против ХПВ за момчиња е важна и заради нивна заштита, но и за да не бидат трансмитери на болеста, а не заради некакви експерименти и агенди за машка бременост, како што се сака да се прикаже.

Целта за вакцинирање на момчињата е двојна: со тоа се спречува момчињата да бидат трансмитери, т.е. да ја пренесуваат ХПВ инфекцијата, но и самите да бидат заштитени, бидејќи и кај нив се развиваат ХПВ асоцирани болести. Најчестите ХПВ асоцирани болести кај жените се цервикалниот карцином на грло на матката, кацином на вагина, вулва и анус, додека кај мажите тоа е карциномот на пенисот, карцином на анусот и кај двата пола забележан е пораст на ортофаријангијалниот карцином, изјави национаналниот координатор за имунизација Александра Грозданова.

Според проф. д-р Катарина Ставриќ, специјалист педијатар-имунолог и професор на Медицинскиот факултет во Скопје, ХПВ вакцината штити од карцином од грлото на матката кај девојчињата. Меѓутоа, не само од карцином на грло на матка, туку и од други пет различни карциноми меѓу кои и карцином на ларингс, карцином на дебело црево на ректумот, а тоа се карциноми кои се јавуваат кај мажите и кај девојките.

Значи, не постојат никакви медицински докази дека вакцината против ХПВ влијае врз плодноста кај момчињата и девојчињата. Вакцината штитити од ХПВ инфекција која влијае на репродуктивното здравје. Од друга страна, инфекцијата со ХПВ влијае на репродуктивното здравје и плодноста и кај мажите и кај жените. Особено кај мажите, ХПВ негативно влијае на различни параметри на спермата, вклучувајќи ја и подвижноста. Вирусот, исто така, може да ја зголеми смртта на трофобластните клетки и да ја намали имплантацијата на трофобластните клетки во матката. Овие фактори потенцијално може да го зголемат ризикот од спонтан абортус, предвремено кинење на мембраната или спонтано предвремено породување. Поради тоа, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како неточна.

Прочитајте повеќе

Контраспин: Зајкова од безрезервна поддршка за уставните измени, до нивно одложено дејство

Контраспин: Зајкова од безрезервна поддршка за уставните измени, до нивно одложено дејство

Зајкова ги изедначи ставовите на нејзината партија во врска со уставните измени, со оние на …