Храната во „Пелагонија“ била безбедна, но не и хигиената во кујната, соопшти ДСЗИ

Храната во „Пелагонија“ била безбедна, но не и хигиената во кујната, соопшти ДСЗИ

Сите шест земени примероци од храна ги задоволуваат прописите за микробиолошка безбедност на храната, а од осум земени бриса oд работните површини, кај три испитаните параметри не се во согласност со микробиолошките критериуми за хигиената на површини и предмети кои доаѓаат во контакт со храната. Ова се резултатите од испитувањата на мострите кои ги земаа надлежните од работните површини и од храната во студентскиот дом „Пелагонија“, откако имаше сомнеж дека студенти се затруле со храна приготвена во кујната.

„Откако ги добивме резултатите, земавме и контролни брисеви од работните површини на кои имаше позитивен наод. На 10 јануари, извршен е контролен инспекциски надзор, при што е констатирано дека е постапено по сите точки. Времената забрана престанува да важи и објектот продолжува со работа“, соопштија од Државниот санитарен и здравстве инспекторат (ДСЗИ).

Директорот на студентскиот дом, Агим Фејзулаху, во изјава за Мета.мк кажа дека за деновите во кои станарите не добивале храна заради тоа што кујната била затворена, ќе им биде скратена сумата која ќе треба да ја платат. Инаку, месечно, секој станар во „Пелагонија“, за сместување и храна плаќа по 3.600 денари.

На 28 декември Мета.мк објави дека шестмина студенти кои се станари во домот, добиле симптоми на труење со храна, по што инспектори проверуваа дали е од храната што ја јаделе во студентската менза. По објавата, до нашата редакција пристигнаа реакции од студенти кои тврдеа дека бројката на затруени станари била многу поголема. Студентите јаделе варен грашок со свинско и телешко месо и пудинг од ванила. По појава на првите симптоми, шестмина од нив се јавиле на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а тоа за Мета.мк го потврди и директорката на клиниката, д-р Милена Стевановиќ.

Инспекторите на ДСЗИ, во координиран инспекциски надзор со вработени во Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство, извршија увид во кујната и ја затворија со службена лента со потпис и печат. Со решение беше забрането користење на објектот сè додека не се изврши генерално механичко чистење, вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизција на објектот и вонредни здравствено-хигиенски прегледи на 12 вработени лица во кујната, како и до добивање на негативни резултати од земените брисеви од работни површини.

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …