Хрватска во Шенген: остварување на историската цел

Хрватска во Шенген: остварување на историската цел

„Конечно!“, ја коментираа многумина веста дека министрите за внатрешни работи на ЕУ одлучија да го поддржат пристапувањето на Хрватска во Шенген зоната од 1 јануари следната година. Што тоа конкретно значи за граѓаните?

Ана од Загреб секојдневно додека се спрема за работа доживува голем стрес. Но, не заради самата работа, туку заради патот до работа. Таа работи во голема фирма во Словенија. Заради непредвидливите гужви е невозможно да знае колку време ќе и треба за да стигне до работното место. Вели дека било особено страшно за време на короната. Еднаш задоцнила 45 минути, а повеќе пати во годината заглавила меѓу туристите на граничните премини и чекала со часови од вечерната смена да се врати дома. Петар од Далмација кој исто така работи во Словенија за време на сезоната петок го зема за слободен ден за на враќање дома да ја избегне туристичката летна навала.

Но откако Хрватска ќе пристапи кон Шенген зоната и на границите кон Словенија и Унгарија ќе се тргнат граничните рампи гужвите ќе бидат само дел од минатото.

Години чекање

Граничните куќарки за сега нема да се демонтираат, но таква ќе биде судбината на некои од нив заради намалување на трошоците за одржување, додека дел ќе останат во случај на потреба на повторно воведување надзор, објаснува за ДВ, Зоран Ничено, началник на Полициската гранична управа. За шенгенски третман на аеродромите сепак ќе се причека до 26 март до кога летовите од и до Европската унија ќе се префрлат на терминалите за „домашни летови”.

Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ со својот чешки колега Вит Ракушан на средбата во Брисел на 8 декември 2022
Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ со својот чешки колега Вит Ракушан на средбата во Брисел на 8 декември 2022 

Но три месеци не се долго време ако се земе в предвид колку долго Хрватска чекаше на влез во Шенген. Зоната последен пат се прошири пред 10 години и хрватскиот пат не беше лесен. Прилагодувањето започна во 2016 година, а Хрватска морала да исполни 281 услови. Иако сите биле исполнети и земјата била прогласена за технички спремна уште на крајот на 2021 година, поминаа уште година дена додека се усвои политички одлуката за влез.

Причини за славење

Побрзата трговска размена и пониската цена за превоз во меѓународната размена, како и поголемата достапност на туристичките одредишта се причини за славење и за хрватските бизнисмени. Претседателот на Стопанската комора, Лука Бориловиќ во реакција на веста рече дека размената на стоки во шенгенскиот простор во 2021 година изнесувала 34,5 милијарди евра, односно 73,9% од вкупната трговска размена на Хрватска.

„Покрај нашите граѓани кои поедноставно ќе патуваат во границите на Унијата, најголем добитник секако е туризмот со оглед на тоа дека гостите од европските земји го сочинуваат нашиот најважен и најбогат пазар”, заклучи тој. Економскиот аналитичар Лука Бркиќ во разговор за ДВ вели дека Шенген за разлика од влезот во Еврозоната за кој се расправа со месеци, е како “нешто од позадината”. Вели дека “не размислувате околу тоа колку фактот дека камиони и по неколку дена чекаат на граничните премини го поскапува превозот на стоката”. Покрај тоа повеќе истражувања покажале дека Шенген позитивно влијае на туризмот, посебно на кратките еднодневни или викенд излети.

Колоните на хрватските граници со членките на ЕУ ќе бидат минато
Колоните на хрватските граници со членките на ЕУ ќе бидат минато

„Хрватска е автомобилска дестинација, за неколку часа сте на  брегот на Медитеранот, тоа е нешто што многу придонесува за привлечноста на таквите дестинации. Ако морате заради границите да потрошите повеќе пари, ќе си речете па нема ни да одам“, истакнува Бркиќ.

И соседите би можеле да бидат задоволни?

Со оглед на тоа дека Хрватска веќе една година спроведува контроли исти какви што ќе ги прави и по први јануари 2023 година, со нејзиниот влез во Шенген зоната може да бидат задоволни и соседите за кои со преминот преку граница ништо нема да се промени, вели началникот на полицијата, Ничено. Но, затоа кога еднаш ќе ја прејдат на пат кон запад ќе има промена – нема да има уште едно повеќечасовно чекање плус на граница.

А, како можеше да биде…

Поранешниот министер и дипломат Божо Ковачевиќ за ДВ коментира дека влезот во евро и шенгенската зона за Хрватска се остварување на историските цели, мисијата за евроинтеграцијата која заеднички ја прифатија и власта и опозицијата, но заради годините кои ги поминала земјата чекајќи тоа да се случи, видливите последици од таквиот напредок се помали.

„Хрватска во однос на своите соседи задоцни со влезот во ЕУ и за разлика од првите источноевропски земји кои влегоа не беше толку видлива промената по влезот во ЕУ“, вели Ковачевиќ. Исто е и со Шенген кој како простор за слободно движење го релативизираа мигрантската криза во 2015 година и воведувањето меѓусебни контроли на внатрешните граници како последица на тоа. Сегашната криза и инфлацијата која ја тресе Европа е токму она од што Хрватска требаше да ја заштити еврото, продолжува тој.

Камионите често чекаат со денови поради граничните контроли
Камионите често чекаат со денови поради граничните контроли 

„Хрватска полека ги остварува своите зададени историски цели, но заради релативното доцнење во остварувањето последиците од нив се помалку видливи и помалку задоволителни отколку што ќе беше да беа остварени на време“, заклучува дипломатот.

Мигранти пред портите

Токму проблемот со мигрантите е причина поради која Романија и Бугарија останаа во шенгенската чекална, а кои во неа чекаат подолго време од Хрватска. Фактот дека Хрватска успеа да ги „претрка” двете земји и покрај тоа што дел од членките кои се незадоволни од функционирањето на шенгенската зона се согласија Хрватска да и пристапи, многумина го толкуваат како голем успех на владата на премиерот Андреја Пленковиќ.

„Беше потребно да се исполнат прилично ригорозни критериуми и без потребната дисциплина и подготвеност владата да ги игнорира оние на кои во одреден момент овој или оној чекор не им одговара, Хрватска не би била подготвена ни за Шенген, ни за еврозоната“, коментира Божо Ковачевиќ и додава дека хрватскиот премиер е „добро интегриран и дека добро котира и очигледно наоѓа заеднички јазик со европските бирократи“.

Но, влезот на Хрватска во Шенген не го решава проблемот кој Хрватска го има со мигрантите како земја на т.н.балканска рута. Напротив, како земја после која веќе нема граници кон запад би можела да им стане и попривлечна. Минатата година бројот на илегални премини на границата падна за 40% во однос на претходната, а годинава полицијата бележи дури 170% раст. Зголемен е и бројот на баратели на азил, годинава има повеќе од 10 илјади, но само 400 од нив остануваат во Хрватска, а другите се пребегани на запад, вечи Ничено.

Осуда за влезот на Хрватска

Голем број од нив се од земји како Индија, Бурунди, Гана, Тунис, чии граѓани во Србија и Босна и Херцеговина можат да влезат легално и без виза па оттука се обидуваат илегално да ја прејдат хрватската граница. Ако заживее планот со кој соседните земји на Хрватска ќе го усогласат визниот режим со визниот режим на ЕУ, нивниот број може да се намали.

А до тогаш хрватската полиција е добро екипирана да ја штити најдолгата копнена надворешна граница на Европската Унија, вели Ничено. Хрватска инвестираше 220 милиони евра во опрема за заштита и контрола на хрватската, а од 1 јануари, шенгенската граница. Граничната полиција брои 6500 припадници, меѓу кои има и неколку илјади кои веќе работеле на граничните премини со Словенија и Унгарија, а кои сега засилено ќе патролираат долж тие граници и ќе спречуваат илегални премини од Хрватска кон тие земји.

Да се надеваме дека не на начините што поттикнаа цела низа организации за заштита на човековите права, предводени од Амнести интернешнел, Хјуман рајтс воч и Оксфам, кои со години ја обвинуваат хрватската полиција за малтретирање мигранти, остро да го осудат приемот на Хрватска во Шенген и да го наречат „лош преседан за идно проширување на тој простор.“

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Ердоган во Белград: Односите меѓу Турција и Србија се во „златно доба“

Ердоган во Белград: Односите меѓу Турција и Србија се во „златно доба“

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во Белград за време на заедничкото обраќање со српскиот претседател, …