Традицијата на Богојавление – Водици во Крива Паланка годинава доби уште една, похумана димензија. Младите момчиња кои беа дел од традиционалното фрлање по Светиот крст во водите на Крива Река, остварија средба со градоначалникот Сашко Митовски во неговиот кабинет.
На средбата присуствуваше и Наум Додевски, среќното момче кое годинава успеа да го извлече Светиот крст од осветените води. Додевски, заедно со останатите учесници кои се дел од тимот на градоначалникот, беше примен од првиот човек на општината, кој и самиот зеде активно учество во одбележувањето на празникот влегувајќи во студените води на Крива Река заедно со младите.
Она што ја одбележа оваа посета е заедничката одлука на учесниците за хуман гест. Тие одлучија паричната награда, која традиционално следува за оној што ќе го фати крстот, да ја донираат онаму каде што е најпотребно. Средствата ќе бидат наменети за седумчленото семејство Димитровски од Крива Паланка.
„Овој гест е пример на човечност и солидарност и испраќа силна порака дека едно здраво и силно општество се темели на добрина, хуманост и меѓусебна поддршка,“ истакнаа од Општина Крива Паланка по повод донацијата.
Со овој чин, учесниците во овогодинешните Водици покажаа дека празничниот дух не е само во ритуалот, туку и во делата на милосрдие и грижа за заедницата.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место