Пишува: Зоран Милошески

Прилепската компанија „ГИФТИ ТЕКС“, чија основна дејност е изработка на постелнини, заштитници за јоги и перници, деновиве е во центарот на вниманието на пошироката јавност, откако се понуди да изработи и да донира заштитни маски за граѓаните на Прилеп.

Сопственикот на „ГИФТИ ТЕКС“, Горан Илијоски, вели дека пожртвуваноста на здравствените работници, нивниот оптимизам и решителност да се справат со коронавирусот, бил главен мотив да почне со производство и донирање на заштитни маски.

„На мојата иницијатива за донирање заштитни маски која беше дадена преку социјалните мрежи, прв се јави градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски. Имаме материјал, го поседуваме и потребниот сертификат, единствено требаше да ја запазиме постојната законска регулатива која предвидува сите испитувања да се вршат во нашата држава. Од тие причини, заедно со градоначалникот побаравме од Министерството за здравство, од министерот Филипче, од премиерот Спасовски, да ни дадат потврда дека можеме да почнеме со работа. Последен услов за да почнеме со производство, беше стерилизацијата на маските, која се врши во прилепската болница ‘Борка Талески’. Таму наидовме на прекрасни луѓе, затоа сакам уште еднаш да им се заблагодарам и ним, но и на целиот медицински персонал во нашата земја“, истакнува Илијоски.

По однос на производствениот капацитет, од компанијата велат дека немаат претходно искуство со производство на маски, па затоа првиот ден произвеле 500 парчиња, останатите денови по 1.000, додека максималниот капацитет е 2.000 – 3.000 произведени маски во еден ден. Во моментов компанијата нема услови за автоматизирано производство, вработените рачно ги изработуваат маските и онака како што стигнуваат количините, така ги носат во Општата болница во Прилеп на стерилизирање, а потоа ги испорачуваат во Општина Прилеп која понатаму ги распределува според приоритети.

Во соработка со компанијата „СТАН МК“ од Прилеп, располагаат со материјал за производство на околу 100.000 заштитни маски, а во овој проект се вклучени уште две други прилепски фирми, „ФЕШН ЛИНК“ и „КУЛИ“, кои дел од своите капацитети ги пренамениле за производство на маски. Сопственикот на „ГИФТИ ТЕКС“, Горан Илијоски, ја потенцира посветеноста и пожртвуваноста на вработените, дваесетина на број, и нивната желба да им помогнат на своите сограѓани. Но истовремено, тој апелира до останатите фирми од градот и државата кои се занимааваат со оваа дејност, да се вклучат во производството, да покажат хуманост и општествена одговорност со цел да се произведат и донираат што поголем број на заштитни маски.

Управителот на „ГИФТИ ТЕКС“, Филип Миленкоски, нагласува дека имаат огромен број на побарувања за маски.

„Се јавуваат голем број на физички лица и фирми кои сакаат да нарачаат и купат одредени количини на заштитни маски. Во оваа ситуација, сакам да потенцирам дека маските кои ги произведуваме не се достапни во продажба, односно целата количина ја донираме. Сакам да упатам апел до медиумите да ги прикажуваат објективните можности на компанијата, со цел да запрат сите шпекулации и да не се подгреваат лажни информации по однос на нашите производни капацитети. Количините кои во моментов ги произведуваме, се максимумот“, потенцира Миленкоски.

Во „ГИФТИ ТЕКС“ не размислуваат колку сето ова ќе ја чини фирмата, бидејќи за нив се најважни животите на луѓето. Велат, ако со донираните заштитни маски успеат да зачуваат макар еден човечки живот, тоа ќе ги направи вистински среќни.